Лавров до Украина: Со кого сте вие, со Западот или со Русија?

by Fokus

Министрите за надворешни работи на Русија и Украина се сретнаа денеска во Турција за прв пат откако Русија ја нападна Украина, а Анкара се надева дека средбата ќе биде пресвртница во конфликтот.

Кулеба рече дека, според ставовите на Лавров, може да се заклучи дека Русија ќе продолжи со својата агресија сѐ додека Украина не ги исполни барањата на Москва, наведува Ројтерс.

Тој изјави дека Киев ќе продолжи да бара „балансирано“ дипломатско решение за кризата и дека исполнувањето на барањата на Русија би било предавство.

Лавров по средбата изјави дека разговарале за хуманитарни прашања. Тој рече дека ја потсетиле украинската делегација на претходно презентираните предлози и оти Москва чека одговор. Тој рече дека е спремен повторно да се сретне во истиот формат, пренесува Ројтерс.

Кулеба рече дека се подготвени да работат на напори за ставање крај на војната.

Тој рече дека имаат две задачи – воспоставување хуманитарен коридор од Мариупол и постигнување 24-часовно примирје. Тој додаде дека Лавров не се обврзал да формира конвој од Мариупол, но дека се надева оти Русија ќе донесе таква одлука, пренесува британската агенција.

-Разговаравме за прекин на огнот што би траел 24 часа. Господинот Лавров не се согласи со тоа, рече Кулеба.

Кулеба рече дека тие се за дипломатија, но и дека се подготвени да се бранат. „Не можеме да ја запреме војната ако државата што ја почна агресијата не го сака тоа“, посочи тој.

Лавров за нападот врз детската болница

-Слушнавме обвинувања за ѕверски напад на породилиште пред три дена. Нашата делегација даде докази дека тоа породилиште е окупирано од Азов и дека ги исфрлиле бремените жени и работниците… Заклучоците сами извлечете ги. Јавноста низ дел од светот е изманипулирана, рече Лавров по средбата.

-Ние сами ќе ја решиме нашата економска ситуација, нашиот претседател ќе ја реши, рече Лавров за вестите за банкрот на Русија.

„Се обидуваме да привлечеме внимание на фактот дека Украина со години е антируска. Со кого сте вие, со Западот или со Русија?“, ја праша Лавров Украина. „Ќе излеземе од оваа криза, минавме низ многу кризи и секогаш сме излегувале. Ќе излеземе посилни од ова. Немаме илузии дека Западот е наш партнер. Сега знаеме дека може да бидеме предадени од секого и во секое време“.

Поврзани новости