Лавовската борба на една мајка помести планини: Струмица добива Клуб на семејства со деца со Даунов синдром и лица со ДС!

by fokus

Здружението на граѓани за помош и поддршка на лица со Даунов синдом „Вера“ Струмица во партнерство со општина Струмица отвора „Клуб на семејства со деца со даунов синдром и семејства со лица со Даунов синдром“, во рамките на функционирањето на Повеќенаменскиот Социјален центар во Струмица, а согласно Програмата V2-Социјална заштита за 2023 година на Општина Струмица.

За реализација на пилот проектот Здружението „Вера“ објавува ЈАВЕН ПОВИК за членување во Клубот на лица со Даунов синдром и семејства со лица со Даунов синдром – објави Општина Струмица.

Зад Здружението ,,Вера” стои Анче Туфекчиева, мајка на малата Вера која е лице со Даунов синдром. Туфекчиева е добро позната помеѓу семејствата кои имаат дете со ДС, бидејќи нејзината борба за подобар живот и вклучување во сите општествени сфери, со цел максимално искористување и развивање на потенцијалите на лицата со ДС, трае од периодот кога ја добила ќерката Верче.

Таа е иницијатор и стои и зад првата модна ревија за лица со попреченост и активна е на сите полиња каде може да се придонесе за да се слушне гласот на лицата со ДС, но и на нивните семејства.

За неа, неретко кажуваат дека е гласот на овие семејства, веќе 14 години, откако постои Здружението ,,Вера”.

Околу клубот во Струмица, главни активности ќе бидат ставање во функција на интерактивно, инклузивно, едукативно и забавно рекреативно катче за децата и лицата со Даунов синдром кои ќе работата под менторство на едукатор-аниматор-тутор во рамките на целиот 12-месечен период, катче за психосоцијална помош и поддршка на семејствата со деца и лица со Даунов синдром и неформално инклузивно катче за дружење, размена и споделување на искуства помеѓу семејствата со деца и лица со Даунов синдром во функција на обединување и здружување во процесот на остварувањето на своите права и промена на сегашната состојба.

Од општината информираат дека сите заинтересирани лица со Даунов синдром и семејства со лица со Даунов синдром можат да се пријават за членување во Клубот кај лицето Анче Туфекчиева, контакт: 072 600 412 или на е-маил: zdruzenievera@outlook.com, најдоцна до почетокот на официјалното отпочнување со работа на Клубот, 15-ти јуни 2023 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости