Лавина блокираше околу 1000 туристи во Кина, спасувачки служби се во трка со времето

by Fokus

Околу 1.000 туристи се блокирани поради лавини во оддалечено туристичко планинско одморалиште во регионот Ксинџијанг во северозападна Кина, објавија денеска кинеските медиуми.

Променливото време ја попречува евакуацијата, а пристапот до туристичкото село Хему, во близина на тромеѓето на Казахстан, Русија и Монголија, каде туристите се заробени веќе неколку дена, е отсечен од лавина, пренесува Ројтерс.

Континуираните снежни врнежи во одредени области траат веќе 10 дена, што предизвика неколку десетици лавини, но мал број туристи беа успешно евакуирани со хеликоптер, јавуваат кинеските медиуми.

Висината на снежната покривка во некои области достигнува и до седум метри, што го отежнува расчистувањето на патиштата од механизацијата.

Чистењето на 50-километарскиот дел од затрупаниот пат започна пред една недела.

Спасувачките напори и операциите за отстранување на снегот се комплицирани од камењата, остатоците и гранките на дрвјата што ги сруши лавината, што ги прави машините за расчистување на патиштата речиси неупотребливи, а спасувачите користат лопати и багери.

Кинеските медиуми јавуваат дека на туристите им снемува енергија и дека немаат доволно храна и вода за да преживеат на планината повеќе од три дена.

Поврзани новости