Латас: Очекувам брутално судење

by fokus

Го бараме она што го побара Зоран Заев и му беше овозможено во неговиот случај. Бараме за снимките да се жалиме и да одлучува Апелација. Јас верувам во судот, но не знам дали верувам во судијката во овој предмет. Очекувам брутално судење, изјави новинарот Драган Павловиќ Латас, откако денеска беше одложен почетокот на главната расправа во случајот „Тотал“ на Специјалното јавно обвинителство, каде се товари за даночно затајување.

Рочиштето е одложено за 7-ми декември затоа што не се определени правни застапници на две фирми, осомничени во постапката. Судијката Софче Гаврилова-Ефремова му укажа на Павловиќ дека како правни застапници пред судот може да ги постави неговите бранители. Адвокатите на Павловиќ, Светлана Софиќ и Анита Бегова беа задолжени да го известат судот дали ќе ги застапуваат фирмите или судот ќе додели адвокат по службена должност.

Судијката појасни дека неколку пати судот доставил барање до Павловиќ како управител на „Тотал медиа центар“ и „Тотал маркетинг ДОЕЛ“ да назначи адвокати што ќе ги застапуваат фирмите пред судот. Павловиќ се повика на мерката изречена од судот да не презема никакви активности како управител на фирмите, како причина зошто до сега не назначил адвокати.

Одбраната на Латас исто така бара „бомбите“ да не важат како доказ и за тоа да одлучува Апелацискиот суд. Во изјава пред судот, новинарот рече дека му се ускратени правата и дека судијаката немала искуство во водење вакви случаи.

– ие го бараме тоа што му беше овозможено на Зоран Заев во неговиот случај „Поткуп“, да поднесе жалба за издвојување на докази – рече Латас.

Тој се товари дека во периодот од 2008 до 2015 заедно со правни лица со намера да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давале лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјада евра, а осомничениот за 63 илјади евра.

Фото: МИА

 

Поврзани новости