Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство наречен „Тревник“.
Првообвинет во предметот, кој се однесува на бесправна градба на куќи во Зелениково, е новинарот Драган Павловиќ – Латас. Обвинети во овој случај се и Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ.
Според обвинението тие изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење.
Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.
На минатото рочиште на обвинетите, на нивно барање, им беа доставени транскриптите од аудио разговорите по кои се води обвинението.