Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов се огласи на социјалните мрежи откако, како што вели, новинарот Драган Павловиќ-Латас упатил критики кон членови на неговото семејство. Најави дека „цела фамилија Костадинови го чека“ за зборовите кон неговиот покоен татко.
„Да кажеш дека татко ми „ја искоцкал куќата“ и со тоа да го ставиш на маса за потсмев тоа не е хумор. Тоа не е критика. Тоа е отворен воен акт кон моето семејство. А кога ќе удриш по мртов човек – знаејќи дека не може да ти одговори – тогаш ќе одговараш на живите. На нас. На мене. На моите. На сите што ќе се родат со нашето презиме“, стои меѓу другото во пораката на Костадинов.
„Ова ќе го носиш на врат цел живот. И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата… Клетвата си ја заработи. Осветата ќе си ја добиеш. Секој што ќе го носи моето име – ќе знае што направи ти. А и ти ќе знаеш: го направи на погрешни луѓе“, порачува градоначалникот на Струмица.