Собранието денеска напладне ја продолжи расправата за избор на новата влада.
Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ на седницата обвини дека мандатарот Димитар Ковачевски не учестувал на избори, не ја побарал довербата и нема глас од ниту еден граѓанин и затоа, како што рече, го нема народниот легитимитет.
Таа посочи дека најголем дел од министрите остануваат и се продолжение на „хибриден режим“ кој беше поразен на локалните избори пред неколку месеци.
-Во состојба на дури четири кризи, економска, здравствена, енергетска и топлинска, кога имаме вакви кризи мандатарот говори за економска состојба и раст на БДП. Како да треба да заборавиме дека имаме инфлација, граѓаните буквално немаат ниту за леб, цените на прозиводи растат вртоглаво, парите немаат никаква вредност, и потценување е во ваква состојба да се зборува за економска ренесанса, додаде Ласовска.
Здравствената криза, посочува Ласовска, е во експанзија, а нема предложени мерки за заштита на населението во време кога имаме најголема смртност и енормен број на заразени.
Таа му порача на Ковачевски да не ги прави, како што рече, струмичките финти на неговиот претходник Зоран Заев.
-Корупцијата, криминалот, нарко-картелите се најголем проблем на оваа влада, која во програмата напишала дека ќе спроведе легалиација на марихуаната. По се изгледа, целта на оваа влада ќе биде да се продаде марихуаната на Заев – рече Ласовска.
Мандатарот Димитар Ковачевски откако го достави Предлогот за состав на нова влада и Предлог-програмата за нејзината работа до претседателот на Собранието, Талат Џафери, собранискиот спикер веднаш за сабота закажа седница на Парламентот со единствена точка на дневниот ред – Избор на Влада на Република Северна Македонија.
Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.