Ласовска до Царовска: Матуранти имаат закани и притисоци од училиштата

by Фокус

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, на денешните пратенички прашања во Собранието упати прашање до министерката за образование и наука Мила Царовска дали планира да им излезе во пресрет на средношколците кои ја бојкотираат наставата бидејќи бараат да полагаат два, наместо четири предмети во рамки на државната матура.

-Дел од матурантите остануваат на барањата, слушнавме дека имаат и закани и притисоци од претставници на училиштата. Бараат олеснување затоа што им беа ветени скратени програми и немање услови за онлајн настава. Велите дека 90 отсто од учениците имале услови за онлајн настава. Не знам зошто се изразувате во проценти туку во бројки треба – рече Ласовска.

Царовска, пак, го повтори ставот дека Министерството за образование и наука има обврска да ја спроведе државната матура за средношколците кои сакаат да се запишат на факултет. Таа додаде дека опозицијата повикува на бојкот на закони, иако функционерите се должни за нивно спроведување.

-Согласно законот наша обврска е да им го оствариме правото на матурантите да полагаат матура за да се запишат на факултетите во државата и надвор од неа. Ако не обезбедиме матура им го скратуваме правото на учениците да се запишат во високо образование. Она што е дадено како концепција е дека имаме право на училишна матура или стручен испит за тие што не сакаат да полагаат матуара. Државната матура е избор – рече министерката.

Поврзани новости