По информацијата дека ќе добие 300.000 денари од Минситерство за култура за да организира концерт фолк пејачката Цветанка Ласкова вечерва преку својот Фејсбук профил побара организаторот на концертот да ги врати парите во Министерството.
-Не ме изненадува реакцијата на Комисијата за култура на ВМРО ДПМНЕ исполнета со навреди, омаловажување и невистини упатени кон мене. Не им е прв пат. Чувствувам обврска кон јавноста да објаснам дека јас, Цветанка Ласкова, не конкурирав за одбележување на 50 години од мојата музичка кариера .Тоа беше идеја на продукциското студио ,,City Sound” DOOEL- Skopje, кое ми се обрати со предлог за концерт, преку моето творештво како интерпретатор, да се опфати 5 деценискиот развој на македонската фолк и поп музика. Овој проект го прифатив со чест и задоволство, но и покрај одличната идеја, заради својот мир, инсистирам организаторот на проектот, да ги врати одобрените средства во Министерството за култура, напиша таа.
Министерството за култура ги објави резултатите за финансирање од прифатените проекти од национален интерес во културата за 2023 година, а помеѓу проектите во областа на музиката и музичко-сценската дејност одобрен беше и концерт на Ласкова. Парите беа одобрени за ,,50 години јубилеј- Цветанка Ласкова”, за тонско студио Сити Саунд ДООЕЛ Скопје.