Лашкоска: Потребни се итни контроли за да се намали загадувањето

by Fokus

За намалување на загадувањето на воздухот, ќе се засилат контролите кај производителите со интегрирани А и Б дозволи, станиците за технички преглед, како и активностите на градилиштата, соопшти заменик министерката за животна средина Ане Лашкоска при посетата на Прилеп.

Лашкоска истакна дека пред два месеца е усвоен сет краткорочни и долгорочни мерки за справување со загадувањето. Краткорочните мерки, кои ќе важат во текот на грејната сезона, се изработени со министерствата за внатрешни работи, транспорт, економија, здравство, социјала, како и со општините и Градот Скопје.

„Мерките вклучуваат засилени инспекции во индустриските објекти со А и Б интегрирани дозволи. На овие производители им препорачуваме да го намалат производството во овој период, но не и да го згаснат целосно, за да се избегнат поголеми емисии на штетни гасови при повторното вклучување“, рече Лашкоска.

Додаде дека една од приоритетните мерки е и контролата во станиците за технички преглед на возила, бидејќи автомобилите на дизел гориво се големи загадувачи.

„Има методи и апарати за мерење на издувните гасови, па затоа таму се преземаат засилени контроли. Големо загадување забележавме и на градилиштата, каде што во бурња се палат разни материјали за загревање на работниците, што дополнително го влошува квалитетот на воздухот“, додаде таа.

Општините, според Лашкоска, треба да преземат одговорност, особено со зачестено миење на улиците, бидејќи прашината е значителен загадувач.

Заменик министерката истакна дека малите и средни претпријатија, кои често користат отпаден материјал за греење, се исто така подложени на инспекции.

„Апелирам до општините да ги активираат инспекторите за да се осигури почитување на мерките. Ако тоа не се направи, залудно е што донесовме акциони планови“, рече Лашкоска.

Таа нагласи дека Владата има долгорочен план за периодот 2024-2030 година, кој вклучува промена на системите за греење, прво во јавните институции.

„Во соработка со ЕУ преку ИПА 3, веќе дониравме шест еколошки автобуси за Скопје и работиме на промена на системите за греење во 70 државни институции. Но, залудни се плановите ако немаме поддршка од сите засегнати страни“, подвлече Лашкоска.

Во урбаните средини, ќе се воведе и посебен сообраќаен режим. „Со општините и МВР ќе договориме тешките товарни возила да ги користат обиколниците, а не да поминуваат низ градските центри,“ додаде таа.

На крајот, Лашкоска повторно упати апел за заедничка борба против загадувањето: „Сите мораме да делуваме – Владата, општините, институциите и граѓаните.“

Поврзани новости