Лидерот на германските конзервативци, Армин Лашет, денеска ја најави својата оставка од раководството на ЦДУ, по катастрофалните резултати на партијата на парламентарните избори во септември, на кои победија социјалдемократите на Олаф Шолц.
-Многу брзо ќе се справиме со прашањето за новиот тим на ЦДУ – рече тој во Берлин.
Помалку од една година откако го презеде раководството на партијата од Ангела Меркел, Лашет кажа дека ќе се обиде да одржи конгрес на ЦДУ на кој ќе се одлучува за иднината и реорганизацијата на лидерството.
-Од повлекувањето на Меркел од претседателската функција, имаме постојана дебата за правецот на делување на партијата – додаде тој.
Весникот „Билд“ денеска јави дека конгресот треба да се одржи во првата половина на декември во Дрезден.