Вчера во Штип започна 38-то издание на реномираниот фестивал на забавни мелодии „Макфест“. Настанот има две фестивалски вечери, и вчерашната, прва вечер беше резервирана за Ламбе, Владо Јаневски, Бојана, Андријана Јаневска, Љубојна, Александар Тарабунов и други.
Вечерва настапуваат Кристина Димитри, Џокер, Бони Китановска, Драгана Јовановска, Александар Николова и други млади музички надежи.
Фестивалот изминативе години има повеќе новитети, а еден од нив е и доделување на единствена парична награда, и тоа за најслушана песна помеѓу две фестивалски изданија.
Наградата која изнесува 120.000 денари, односно околу 2.000 евра ја добија Лара Иванова и Пајак за дуетот „Бела“.
Песната е хит со над 25 милиони прегледи на музичкиот канал Јутјуб.
„Макфест“ кој уште во времето на Југославија беше синоним за промовирање на квалитетна забавна музика, и каде своевремено настапуваа сите големи музички имиња од поранешните Ју републики, веќе неколку години се финансира само од Општина Штип, како и од спонзори.
Минатата година штипскиот градоначалник Иван Јорданов откри дека ги одбиле доделените средства во висина од околу 6.000 евра од страна на Министерството за култура, од Конкурсот за поддршка на национални културни проекти, бидејќи сметале дека сумата е потценувачка за еден ваков, значаен културен настан.
Тогаш тој истакна дека општината успеала сама да обезбеди околу 100.000 евра за фестот на кој се промовира македонската култура, јазик и национален идентитет.
Уметнички директор на „Макфест“ е Роберт Саздов, кој на прес-конференцијата пред неколку дена истакна дека фестивалот има потенцијал да изроди повеќе хитови од „Евровизија“, со модерни, певливи и песни кои бргу допираат до публиката.
Вики Клинчарова