Шефот на израелската дипломатија Јаир Лапид денеска изјави дека ако е неопходно Израел е подготвен да дејствува против Иран.
– Секако ние повеќе би сакале да дејствуваме во соработка со меѓународната заедница, но ако е неопходно, ќе дејствуваме сами. Сами себе ќе се браниме, истакна Лапид на седницата на одборите за надворешни работи и за одбрана.
Тој додаде дека Иран се грижи само за укинување на санкциите од САД и да вложи милијарди долари во својата нуклеарна програма и да ги финандира сојузничките шиитски милиции во регионот.
Во Виена денеска почна осмата рунда разговори за обновува на Заедничкиот сеопфатен акциски план за иранската нуклеарна програма. Преговорите за нуклеарниот договор со Иран се водат во Виена од април 2021 година. Преговарачите веќе потврдија дека работата ќе продолжи врз основа на документите разработени во шесте рунди. Беше забележано дека сите страни сакаат да го вратат Договорот во првобитната форма. На пример, земјите одредиле кои американски санкции против Иран треба да бидат укинати и листа на чекори во областа на нуклеарната енергија што Иран мора да ги преземе за да се врати на своите нуклеарни обврски.
Израел уште во 2015 година беше против Договорот за иранската нуклеарна програма, а и сега е против продолжувањето на преговорите за заживување на Договорот и ги предупредува дека тоа нема да го запре Иран да стане нуклеарна сила.