Повеќе не е мерило знаењето, туку вредностите се во марката на мобилниот, патиките, јакната, блузата, ранецот, џепарлакот, кој кај некои деца е поголем од платата на неговиот професор
Звонко Давидовиќ
Читам и слушам за „Јавна соба“, жртвите и тие што фотографиите ги објавувале, уценувале, ги распнувале јавно жртвите, кои не ги ни познаваат. Полицијата не реагира, луѓето во недостиг од други механизми и решенија се солидаризираат и јавно почнуваат да зборуваат за една, до скоро, табу-тема која се отвора на грбот на многу недолжни деца, девојки и жени.
Овој случај, како и многу други, почнувајќи со џудо тренерот, случувањата во Србија во училиштата за глума, е резултат на севкупните состојби во општеството, и тоа во глобални рамки, менталната и интелектуалната состојба на нас луѓето, разнебитеноста на семејството како институција, нефункционалноста и некадарноста на институциите на системот, поразителната состојба во образованието и лицемерието на верските институции. Не постои област од нашето општествено, но и човечко живеење каде што вакви или слични состојби не се присутни, а за кои свесно или несвесно, намерно или не сме виновни, сите ние без исклучок.
МАЈМУН СО ОТКОЧЕН КАЛАШНИКОВ
Брзиот развој на техниката и технологијата не го следеше и еднакво брзиот развој на интелектот и менталната состојба на луѓето. Неколкуте генерации на техниката и можностите што ги нуди, го бомбардираа ограничениот и неразвиен капацитет на мозочната маса, на едвај една генерација на луѓето. Неподготвени за можностите што ги нуди техниката, ограничени во својот ментален склоп, заробени некаде во минатото кај Илинденското востание, се соочивме со безброј можности, кои нудат благодат и благосостојба, но и зло, злоупотреба и мизерија.
Како на мајмун да му дадеш полн и откочен калашников, сосема јасно беше дека огромното мнозинство ќе го избере пократкиот пат за остварување на сопствените интереси преку злоупотреби, што се покажа сиве овие години како доминантен ген и порив кај огромното мнозинство, и ќе почне да пука во сè што ќе стаса, не избирајќи жртва, раководејќи се од сопствениот интерес и ништо друго.
Никако поинаку и не можеше да биде, бидејќи повеќе не постои семејството, во традиционалната смисла на зборот, како институција и средина во која се востановуваат и врежуваат основните темелни вредности. Родителите во трка за пари и егзистенција, често во комбинација со потрошувачки, натпреварувачки и завидлив менталитет, имаа сè помалку време за своите деца. Наместо тие да ги воспитуваат своите деца, тоа го правеше интернетот и социјалните мрежи, а времето и чувствата ги заменуваа со пари за кои сметаа дека се побитни од сè.
Таквите деца немаат вградени основни темелни вредности, менталниот склоп им е обликуван од фејсбук-лангачи, а нивниот карактер е сурогат на она што можеле да бидат со родителска грижа, внимание и воспитување. Образовниот процес и начинот на кој тој се одвива, со постојано експериментирање и разнебитување, никако не може да го надополни она што е веќе пропуштено во семејството. Напротив, пример им се слични или уште полоши деца, кои поминуваат неказнето за сите проблеми што ги прават.
УЛИЧАРСКИ КАРАКТЕРИ
Повеќе не е мерило знаењето, туку вредностите се во марката на мобилниот, патиките, јакната, блузата, ранецот, џепарлакот, кој кај некои деца е поголем од платата на неговиот професор. Ако погледнете по паркинзите на средните училишта, ќе забележите бесни и скапи автомобили, кои ги возат учениците и со нив доаѓаат на училиште, а до нив се велосипедите со кои доаѓаат професорите.
Така скрпени уличарски карактери доаѓаат на факултет, каде што гледаат дека дипломата, освен со знаење, може да биде купена и платена на многу други начини, што ни го покажаа и одвај неколку судски предмети водени против универзитетските професори, иако овој феномен е многу поприсутен отколку што мислиме.
Постојаните објавувања на прислушуваните разговори и видеа од политичките партии во борба за власт, со единствена цел да го дискредитираат противникот, или некоја личност-неистомисленик и нивното влијание и моќ во освојувањето на власта, само му потврдуваат на младиот лангач дека целта ги оправдува средствата и дека сè дозволено, а на расипаноста само небото ѝ е лимит. Таквиот лангач, воодушевен од бескрупулозноста на своите партиски челници, полека го дооформува својот лангачки карактер на едно повисоко ниво и станува скот. Отсуството на последици за таквото однесување и неказнивоста, само му потврдуваат дека е на прав пат и дека сè е дозволено.
Партизираноста на институциите и долгогодишното лиферување од партиски митинзи и собири на ваквите лангачи и скотови во фотелјите и зад бироата на државните институции, го разнебити системот и ги урниса институциите до некадарност и неможност да функционираат.
МОЌ И НЕКАЗНИВОСТ
Со текот на времето, а согледувајќи ја моќта што му ја дава неговата позиција и неказнивоста, која му е гарантирана од партијата, неминовно и нужно води до еволуција од скот во џукела.
Еднаш оформена, ваквата џукела не е во состојба, ниту да размислува, ниту да дејствува поинаку од она што го научила и онака како што ѝ е оформен карактерот, па и да сака, не може да реагира против оние на кои им е сличен и во размислувањето и во дејствувањето.
Згора на сè, ваквите случувања се производ и на сè уште присутната балканско примитивна врежана логика на супремација на машкото спрема женското, во која една те иста постапка е позитивна и нормална за машкото и го прави „фраер“, а негативна и неморална за жена и ја прави „ороспија“.
Педофилијата и сексуалните злоупотреби, кои како прашања се отворија и во верските заедници, само го надополнија мозаикот на извитопереноста на севкупните општествени односи.
Сè додека ни се пример за воодушевување силиконски кафеански певаљки, типови што се сликаат со клучеви од кола и часовници, криминалци, сè додека најгледани емисии се оние од типот на „Задруга“ и слични, сè додека партиската книшка е побитна од знаењето, а партиската припадност гаранција за неказнивост, сè додека се фалиме како последната прочитана книга ни била „Зоки Поки“ и сè додека се гордееме со својот паричник, а не со своето дете, ќе ни се случуваат вакви, слични и уште полоши работи.
Сè додека не седнеме, не размислиме и не прифатиме дека не сме напредувале како луѓе воопшто и не се вратиме кон традиционалните и нормални вредности, ќе бидеме општество што создава лангачи, скотови и џукели.