Текстот е објавен на 22 октомври, 2016 година во неделникот Фокус во бројот 1098
Јадранка КОСТОВА
„И кога би имал уште еден живот, сѐ би направил исто, но согласно законот. Премногу доцна сфатив дека со малку здрав разум можно е да се исперат и незаконски стекнатите милион долари“.
Лаки Лучијано, мафиозо
И најмоќниот шеф на мафијата, некои работи доцна ќе ги сфати. А како да пере пари „согласно законот“, би можел да учи од нашата Фамилија. Ете, во 1925 г. Лучијано „заработувал“ над 12 милиони долари годишно, ама голем дел давал за поткуп на судии, политичари и на полицијата. Да имаше „уште еден живот“, гарант ќе се инфилтрираше во некоја партија, а преку неа ќе ја зграпчеше власта. И наместо да троши од „заработеното“ за поткуп, како премиер ќе ги држеше на јаженце. И да затреба троа паричка за „мито и лазо“, не ќе брцаше во свој џеб, туку ќе подмачкуваше со народните пари. И сѐ „согласно законот“. Ако не го бива законот, ќе се усогласи… согласно желбите на Капо, ќе биде согласно законот.
Зошто сега „Миле ми текна“ за мафијата? Затоа што многумина критичари на режимот ја идентификуваат врхушката на ДПМНЕ со мафијата. А што повеќе ја проучував мафијата, толку повеќе ги наоѓав спојките со нашите мафиози. Мафијата настанала во 19 век, кога во еден запис фино се идентификувани како „секта лопови“ – која нема страв од јавноста и државата „затоа што веруваат дека лесно ќе ги избегнат казните“. Исто како и нашава „патриотска“ секта. Знаат дека судиите од тефтерчето на Горде и „куртоните“ во медиумите ќе ја забошотат секоја нивна свињарија.
Втората спојка на мафијата со нашата Фамилија е во две „доблести“ – одмаздата (vendetta) и кодексот за молкот (omerta). За одмаздничките проекти на груевци кон тие што им стапнале на жуљ, роман во три тома може да се напише. Не мораа како старите мафијаши да ги убиваат, како власт имаа широка лепеза на алатки- местенки за „мито“, како за лидерот на лекарскиот синдикат, измишљотка-процес како „дилер на дрога“ за лидерот на млекарите, брат Љубе си го работеа како бавча…Зошто да потплаќаш полицајци и судии како мафијата порано, кога можеш да раководиш со полицијата и да „Остваруваш“!?
И да дојдам до мојата конкретна инспирација за овие размисли. Заплашувањето на сведоците било правило за мафијата. Никој не смеел да пропее, затоа што проблемите треба да се решаваат „внатре во фамилијата“. И мнозинството „тутурутки“, официјално именувани како пратеници во Собранието, не дозволија СЈО да може да има заштитени сведоци под свој надзор. Тие поддржуваат Фамилијата да си се справи со нив, на свој начин!
И да дојдам до мојата конкретна инспирација за овие размисли. Заплашувањето на сведоците било правило за мафијата. Никој не смеел да пропее, затоа што проблемите треба да се решаваат „внатре во фамилијата“. И мнозинството „тутурутки“, официјално именувани како пратеници во Собранието, не дозволија СЈО да може да има заштитени сведоци под свој надзор. Тие поддржуваат Фамилијата да си се справи со нив, на свој начин!
И покрај ваквиот мафијашки третман на сведоците, Фамилијата можеше и лагодно да ја уништува опремата битна за прислушувањето (случај „Тврдина“), да уништуваат материјални докази, за што веќе има и обвинителен предлог. Останува уште да нѐ уништат сите нас кои во ова гледаме злосторничка акција за уништување на нивните мафијашки сведоштва. Лаки Лучијано би им ставил „лајк“.
И сега кога тимот на Катица е со судски налог во УБК, да се заплени материјал што ќе помогне во расветлување на прислушувањето, типови како Чавков и Андонов ја опструираат правдата. Не знам кај им оди умот ако го имаат, ама „Миле ми текна“ дека најважен фактор во психологијата на типичниот мафијаш е неговото убедување дека „не прави никакво зло сѐ додека се придржува на кодексот на омертата, било да краде, пљачка или убива, тој, пред себе и во очите на своите соработници, е чесен човек“.
Кога во јануари 1992 г. италијанскиот Врховен суд ја шокираше сицилијанската мафија, ги потврди казните за 342 мафијаши, следуваше одмаздата. Убиен е главниот нивен непријател, истражителот Фалконе. Осудените согласно мафијашките им кодекси ја демонстрирале својата моќ, дека и натаму „никој ништо не им може“. Да, така мафијашки ми звучат и восклиците на груевци „никој ништо не ти може, Никола“. И, така е. Со инсталациите ти во МВР, Кривичниот и Уставниот суд, никој ништо не ти може Никола. Засега!!!
И сега, кога собранието е распуштено, а СЈО е во погон, да нагаѓаме што би можеле да „остварат“ мафијашките умови. Со оглед на фактот дека аболицијата на Иванов дојде по првиот ефективен притвор, за шефот на Петтата управа од сал пет дена, доколку СЈО успее во наредниве недели нешто „повеќе“, тогаш Уставниот суд мислам дека ќе го поништи СЈО како неуставно. И тогаш слугите на мафиозиве да го приграбат материјалот од бомбите сосе сите загрозени сведоци „согласно законот“… на МАФИЈАТА!
Ќе ја следиме последната битка со мафијата и нивните подопашници!?