Лајв стрим од Галичката свадба која почнува вечерва

by fokus

Културно-туристичката манифестација „Галичка свадба“ ќе започне вечерва во 19:30 часот со изведување на првите свадбени обичаи. Во куќата на зетот ќе се накити бајракот, а потоа со три истрели ќе се означи почетокот еден своевиден фестивал на мијачкиот фолклор.

На годинашното издание во центарот на вниманието ќе бидат зетот Огнен Караѓозовски и невестата Марина Петровска. Марина има потекло од Крива Паланка, но одамна е преселена, а Огнен има потекло од едно големо галичко семејство. Тој во повеќе наврати бил вклучен во органзацијата на претходните свадби и учествувал како статист.

Свадбарските обичаи ќе започнат со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците ќе го кажат в недела, 14 јули, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи.  За успешен тек на манифестацијата ќе бидат ангажирани стотина статисти облечени во автентични галички носии. Традционалните ора и игри ќе бидат задолжение на триесетина членови на КУД „Фолклорни бисери“. Особено атрактивна е коњицата со коњаниците кои во неколку наврати ќе ги бодињаат коњите по тесните галички сокаци. За да се одвива сé според сценариото ќе има и техничка поддршка, односно годинава за свадбата работно ќе биде за над 250 луѓе. За време на викендот, во Галичник ќе биде воспоставен и специјален сообраќаен режим, за полесно следење на фестивалот.

Новината што минатата година се покажа како исклучително атрактивна, годинава ќе биде унапредена. Лајв стрим (видео пренос) од целиот настан ќе има над 12 часови. Програмата, освен на голем лед екран поставен на платото, ќе може да се следи и преку интернет и други телевизиски платформи.

Традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“ годинава се одржува три дена од 12 до 14 јули, а покровител на годинешната „Галичка свадба“ е претседателот Стево Пендаровски, кој по татко е галичанец.

МИА

Поврзани новости