(ВИДЕО) Лајпциг напаѓаше, Реал Мадрид триумфираше – Манчестер Сити го совлада Копенхаген и зачекори кон четвртфинале

by Fokus

Се одиграа првите осминафинални натпревари во фудбалската Лига на шампионите.

Манчестер Сити победи во Данска против Копенхаген со 3:1, додека Реал Мадрид победи на гости кај Лајпциг со 1:0.

Кога е во прашање мечот во Данска, од стартот на мечот актуелниот европски првак имаше целосна доминација. Тимот на Сити напаѓаше и создаваше шанси, а домашните се обидуваа да ги одбијат нивните напади.

Така во 9. минута Грилиш беше соборен на работ од шеснаесетникот, но Де Брујне шутираше во живиот ѕид. Се испостави дека одбраната на домаќинот траеше само десет минути, бидејќи Де Брујне повторно стапи на сцена и го постигна водечкиот гол за својот тим.

А во продолжението од мечот Копенхаген едвај успеа да помине до центарот. Сепак, во 34. минута се се смени. Копенхаген успеа да израмни.

Едерсон погреши при додавањето, а ударот на Елионуси беше изблокиран. Потоа, топката се одби до нозете на Матсон, кој шутираше во десниот агол од голот шокирајќи го тимот на Сити.

Сепак, во судиското надополнување, Сити поведе! Де Брујне е асистент, му ја додаде топката на Силва кој ја врати предноста на својот тим. Колку Сити беше доминантен во првото полувреме се гледа по тоа што имаа 73 проценти од топката во свој посед.

Слична слика беше забележана и во продолжението од натпреварот. Копенхаген се обиде да се ослободи од целосниот притисок на ривалот и да ја внесе топката на неговата половина. Сепак, тоа не беше секогаш успешно. Сити ја играше својата игра, напаѓаше, Халанд ја имаше најдобрата шанса на крајот од мечот, но неговите удари ги блокираше одличниот голман Грабар. Сепак, при крајот на натпреварот, топката отскокнува до Де Брујне, кој регистрира уште една асистенција и додава до Фил Фоден, кој ја заби топката во мрежата за конечни 3:1.

Фудбалерите на Манчестер Сити се во одлична форма, откако остварија 10 последователни победи во сите натпреварувања. Реваншот меѓу Манчестер Сити и Копенхаген ќе се одигра на 5 март во Манчестер.

Од друга страна, во Германија Лајпциг тргна агресивно и во втората минута стигна до гол. Шлагер ја упати топката кон мрежата, Шешко одлично реагираше и ја испрати топката во мрежата. Сепак, по проверката на ВАР голот беше поништен. Во првите петнаесет минути Реал се мачеше да ја додаде топката, додека Лајпциг создаваше шанси и ја играше својата игра.

Лајпциг имаше иницијатива во поголемиот дел од натпреварот, но Реал Мадрид одлично го отвори вториот дел од играта. Така Реал го постигна водечкиот гол преку Дијаз. Фудбалерот на Реал ја прими топката по десната страна, па се упати кон противничкиот гол, ги издржа сите дуели и ја испрати топката во мрежата за 1:0.

По голот Лајпциг малку по малку го ослободуваше притисокот и ја врати теренската иницијатива на своја страна.

Така во 61. минута се виде прекрасно додавање на Дани Олмо до Шешко, тој полета сам пред голманот, но Луњин беше безбеден. Потоа, Олмо влезе во позиција за гол, одлично се сврте по додавањето на Симонс, но шутираше непрецизно.

Елиф Елмас ги одигра последните дваесетина минути од мечот.

Сепак, и покрај шансите, резултатот не се промени до крајот на натпреварот. Реваншот меѓу Реал и Лајпциг ќе се одигра на 6 март во Мадрид.

 

Поврзани новости