Лајчак: ЗСО е обврска која Приштина ја чека 10 години

by Fokus

Претставникот на Европската унија во дијалогот меѓу Белград и Приштина за косовското прашање, Мирослав Лајчак, вели дека Заедницата на српски општини (ЗСО) е обврска која Косово ја чека 10 години да ја спроведе. Тој наведува дека Косово не треба да го смета обединувањето на општините со српско мнозинство како слабеење на неговата функционалност и посочува дека постојат 16 функционални модели за остварување на малцинските права и сите се во согласност со европските стандарди.

Во интервју за Атлантскиот совет, Лајчак рече дека Косово и Србија треба да се договорат што ќе биде ЗСО.

– Не треба да се плашиме од нешто што се уште не е на дневен ред. Косово и Србија се рамноправни страни. Ниту една страна не може да ја наметне својата волја на другата страна – рече тој.

Како што додаде, ЕУ како посредник е гарант дека се што е договорено мора да биде во согласност со европските стандарди.

– Разговараме со нашите партнери за постоечки модели кои ја зајакнуваат функционалноста на државите, а не ги ослабуваат, затоа не мислиме дека треба да се плашиме. Никој нема интерес да ја ослаби функционалноста на Косово. Не треба да гледаме на тоа како закана или казна или компромис, туку како обврска од една страна и како градење взаемна доверба меѓу Србите и владата на Косово и јасно дефинирање на односот меѓу владата на Србија и Србите. од Косово по европски стандарди – рече Лајчак.

Од друга страна, поранешниот амбасадор на Србија во ОН, Бранко Бранковиќ, предупредува на опасност од притисок врз Србија да се согласи на помалку од договореното со Бриселскиот договор.

-САД и ЕУ постојано се обидуваат да кажат дека преговараме како да се формира ЗСО, но преговарање нема бидејќи Бриселскиот договор е јасен. Прашање е само како полека и безбедно да се спроведе таа одлука – вели Бранковиќ за Курир.

Тој додава дека Србија, кога станува збор за ЗСО, не смее да се задоволи со решенија кои би излегле надвор од основните насоки дефинирани со Бриселскиот договор пред десет години.

Професорот по политички науки Нејмедин Спахиу не се сомнева дека Курти ќе ја формира ЗСО, бидејќи доколку одбие да го стори тоа, би го загрозил опстанокот на власт.

-Доколку ја формира ЗСО, нема да има никакви проблеми со опозицијата, а ако стане кочница во натамошниот развој на преговорите со Србија, Западот ќе го симне од премиерската позиција. Мислам дека ќе ја формира ЗСО – изјави Спахиу за Косово онлајн.

Српската премиерка Ана Брнабиќ оцени дека нападите врз претседателот Александар Вучиќ по повод новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина, што се одржа на 27 февруари во Брисел, ја отежнале позицијата на Србија во тие преговори.

Таа за Пинк изјави дека тие напади кулминирале околу средбата во Брисел и дека „антидржавната коалиција направила се што е во нејзина моќ да ја отежне позицијата на Србија“.

– Тоа што сакаат да го ослабат Вучиќ по прашањето за Косово и Метохија треба да се сфати како слабеење на позицијата на Србија – оцени таа.

Поврзани новости