Лајчак: Владата на Косово утре ќе соопшти информација за суспензија на динарот

by Fokus

Специјалниот пратеник за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, вечерва пред новинарите во Приштина изјави дека е постигнат мал напредок во процесот на нормализирање на односите и најави дека косовската влада утре ќе ги соопшти информациите во врска со уредбата на Централната банка, со која се предвидува суспензија на динарот.

По средбата со косовскиот премиер Аљбин Курти и на прашањето дали косовската влада е подготвена да ја одложи одлуката за суспендирање на динарот, Лајчак рече дека информацијата ќе биде објавена утре.

– Го споменавме прашањето за одлуката на Централната банка на Косово. Но, јас нема да бидам портпарол на косовската влада. Ќе има информации што ќе ви бидат соопштени утре – рече Лајчак.

Тој потсети дека во јуни следуваат изборите за Европскиот парламент, а на крајот на годината претседателските избори во САД, што значи дека вниманието на јавноста подоцна ќе биде насочено кон тие процеси, поради што беше во Белград и Приштина вчера и денеска, со цел да се разговара за процесот на нормализација на Србија и Косово.

– Да размислиме до каде сме и да разговараме колку напредок можеме да направиме додека ЕУ не влезе во изборниот процес. Благодарение на дијалогот, постигнавме важни резултати на крајот на минатата година, како што се договори за енергетски производи, регистрации. Постигнавме конкретни и видливи резултати. Имаше мал напредок во нормализацијата на односите – рече Лајчак.

Тој посочи дека договорите од февруари и март минатата година не значат дека повеќе не треба да се поставува прашањето што треба да се направи и дека не е прашањето како, туку кога што треба да се направи.

– Ако ме прашувате мене, тоа мора да се спроведе без одлагање, што е можно поскоро – нагласи Лајчак.

Поврзани новости