Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по посетата на Белград и Приштина, каде што беше со претставниците на САД, Франција, Германија и Италија, истакна дека очекуваат Косово и Србија целосно да ги исполнат своите обврските од дијалогот за нормализација на односите, како и дека тој факт не го менуваат настаните од 24 септември кои тие ги осудуваат.
Во редовна објава синоќа на Фејсбук, Лајчак напиша дека штотуку се вратил од заедничката посета на Косово и Србија, каде што бил со главните советници за надворешна политика и безбедност на Франција, Германија и Италија, како и со американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Како што напиша тој, во Белград и во Приштина разговарале со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти како да се оди напред во нормализацијата на односите и да се постигне напредок во спроведувањето на Договорот на патот кон нормализацијата.
Темата беше и безбедноста на северот на Косово, напиша Лајчак и додаде дека на двајцата лидери им укажале дека настаните од 24 септември претставуваат „јасна и невидена ескалација што исто така покажува дека сега деескалацијата и нормализацијата се поитни од кога било“.
„Заедно со нашите партнери, ние сме обединети во осудувањето на терористичките напади и нагласуваме дека сите сторители мора да бидат изведени пред лицето на правдата и дека очекуваме целосна соработка на Србија во овој поглед“, напиша Лајчак.
Тој додаде дека настаните од 24 септември (во селото Бањска на северот на Косово) „не го менуваат фактот дека Косово и Србија го склучија Договорот за нормализација на почетокот на оваа година“.
„Во нашите разговори ги пренесовме нашите очекувања дека Косово и Србија целосно ќе ги исполнат своите обврски од дијалогот. Секое условување или одложување е неприфатливо“, укажа Лајчак.
Тој им се заблагодари на партнерите за посетата и рече дека „наскоро ќе продолжат со разговорите“.