Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак денеска во Белград изјави дека се очекува Србија и Косово да почнат да ги исполнуваат своите обврски од Охрид, како и сите досегашни постигнати договори.
По средбата на петорката со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој изјави дека имале долга и важна средба.
– Ја изразивме нашата загриженост за моменталната негативна траекторија во процесот на нормализација, која е директно поврзана со европскиот пат на Косово и Србија, рече Лајчак.
Тема на посетата, додаде тој, беше како да се постигне конкретен напредок во спроведувањето на Охридскиот договор и деескалација по последните настани.
„Мораме да бидеме многу јасни, најостро го осудуваме терористичкиот напад врз косовската полиција на 24 септември. Сите сторители мора да бидат изведени пред лицето на правдата и очекуваме целосна соработка од Србија и конкретни дејствија. Лидерите имаат одговорност пред граѓаните и очекуваме одговорни и одмерена комуникација со јавноста“, рече Лајчак пред новинарите во Белград.
Според него, дијалогот ќе биде тема на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник, како и подоцна следната недела во Европскиот совет.
„Оваа посета ќе има директно влијание врз тие разговори. Како што многупати кажавме, нема европска иднина за Србија и Косово без нормализација на односите и имплементација на Договорот за патот кон нормализација и претходните договори во рамките на дијалогот“, рече Лајчак.
„Сакаме да видиме стабилен, просперитетен и европски регион на Западен Балкан и за тоа дијалогот е од клучно значење. Разговорите со претседателот Вучиќ и премиерот Курти ќе продолжат и во наредните денови“, рече Лајчак во Белград.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека имал „тешка средба“ со претставниците на САД и на Европската Унија и дека во наредните денови очекува важни средби во Брисел.
„Верувам дека во наредниот период ќе најдеме излез од кризата“, напиша тој на Инстаграм по средбата во описот на фотографијата со претставниците.