Лајчак најави нова рунда преговори меѓу Белград и Косово

by Fokus

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, резимирајќи ја работната недела, го изрази своето задоволство од договорот за деескалација на ситуацијата на северот на Косово и Метохија со преговарачот од Приштина, Бесник Бисљими и нареди да се работи на подготовка на следниот состанок на Косово и Србија.

– Од Дубровник отпатував за Братислава, каде остварив важни билатерални разговори со првиот потпретседател на Владата на Косово и главен преговарач Бесник Бисљими. Нашиот разговор беше фокусиран на деескалација на ситуацијата на северот на Косово, во согласност со изјавата на ЕУ27 од 3 јуни и работа на имплементација на сите договори од дијалогот. Драго ми е што ги договоривме првите чекори кон таа цел – изјави Лајчак на Фејсбук.

Како што додаде, по враќањето во Брисел, меѓу другите активности, го пречекал претседателот на Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи, на размена на мислења.

Лајчак рече дека работи на подготовка на нова средба на техничко ниво меѓу Белград и Приштина.

Тој посочи дека пред средбата со Бисљими и Красниќи на Форумот во Дубровник, се сретнал со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

– Форумот во Дубровник даде одлична можност за дружење со клучните актери од Западен Балкан и пошироко, за повторно поврзување со колеги и пријатели со кои разговарав за неопходните чекори за деескалација на ситуацијата на северот на Косово. Ги запознав двајцата со регионалната ситуација, неопходните чекори за деескалација и враќање на дијалогот под покровителство на ЕУ. Двете земји се важни партнери на Западен Балкан. Благодарен сум за поддршката во мојата работа и со нетрпение очекувам да продолжи соработката – рече Лајчак.

Поврзани новости