„Многу сум загрижен, ситуацијата е исклучително тешка. Мораме да разговараме за следните чекори“.
Ова го изјави специјалниот пратеник на ЕУ за Дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, пренесуваат српските медиуми.
Тој оваа изјава ја даде на јавната дискусија во Атлантскиот совет за последните случувања во регионот и Дијалогот меѓу Приштина и Белград, на која беа презентирани можните решенија и беа повикани двете страни на исполнување на обврските.
– Нема краен рок за нови избори, тие треба да се одржат што е можно поскоро на север. Засега нема политичка волја за тоа … Лидерите на двете страни ќе дојдат во Брисел, средбата ќе се одржи. Важно е луѓето да го обноват нормалниот живот што е можно поскоро – посочи Лајчак.
– Верувам дека насилството не е избор на Курти … Ниту еден од лидерите не рече не за дијалогот, се надевам дека средбата ќе се одржи наскоро. ЕУ не може да биде појасна што бара, ако продолжи незнаењето, следниот чекор ќе бидат мерки … Ги поканувам двете страни да дојдат во Брисел за да го продолжиме дијалогот. Мораме да се вратиме на Охридскиот договор и неговата имплементација. Не можеме да ја принудиме едната страна да не прави ништо, туку двете страни да работат на имплементација – истакна тој.
Рече дека е загрижен бидејќи „од 26 мај имаме народ на улица, таму е косовската полиција, КФОР. Видовме неколку инциденти, но во моментов приоритет е да се тргнат луѓето од улиците, да се деескалира ситуацијата“.