Лајчак и Ескобар добиле уверување дека на 1 септември нема да има насилство во Косово

by Fokus

Посредникот на Европската унија за косовско-српските преговори, Мирослав Лајчак и заменикот помошник државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кои престојуваат во Приштина, изјавија дека се залагаат за спречување на секаков вид ескалација во Косово на 1 септември, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред новинарите по денешните средби со претседателката на Косово, Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, Лајчак и Ескобар изјавија дека добиле уверувања од Приштина и од Белград дека нема да има насилство на 1 септември, кога стапува во сила одлуката на Владата на Косово за реципроцитет кон Србија во однос на патните документи и регистерските таблички.

Американскиот дипломат рече дека очекува конкретни предлози од двете страни за изнаоѓање решение за проблемот.

– Мојата посета тука всушност е за да искажам целосна поддршка на дијалогот што го олеснува ЕУ. Двете страни нé уверуваат дека не сакаат ескалација, не сакаат насилство на 1 септември. Значи тука сме за да се осигураме дека сите тие добри желби, сиот тој оптимизам ќе се претворат во еден конкретен предлог, рече Ескобар.

Посредникот на ЕУ, Лајчак, рече дека имал добра средба со институционалните челници во Косово, но дека процесот ќе продолжи за да се избегне, како што рече, секаква тензија на 1 септември. За таа цел тој најави посета и на Белград, заедно со американскиот колега, веднаш по оваа во Приштина.

– Долга и детална дискусија со премиерот и исто така со госпоѓата претседателка… Најбитната порака е дека ние сме тука заедно со Ескобар, пред сé за да покажеме дека единството на ЕУ и САД е целосно и не може да биде подобро. Ние работиме рамо до рамо кога е во прашање нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, рече Лајчак.

Втора порака, рече словачкиот дипломат, е дека „меѓународната заедница е многу вознемирена од тоа што го виде на терен на 31 јули“, ден пред првичниот датум кога требаше да стапи во сила одлуката на косовската Влада за реципроцитет. Тој ден беа поставени барикади на патиштата во северно Косово и беа организирани протести на тамошното српско население, поради што спроведувањето на одлуката беше одложена за еден месец, односно за 1 септември.

– Очекуваме сите заедно, преговарачите, косовскиот лидершип, српскиот лидершип, да не дозволиме тоа да се повтори на 31 август и тоа е причината поради која сме тука, порача Лајчак, изразувајќи оптимизам дека Приштина и Белград ќе постигнат договор.

По обраќањето пред медиумите, Лајчак и Ескобар заминаа на средба во седиштето на мисијата на ЕУ во Приштина со лидерите на најголемите опозициски партии на косовските Албанци – Мемли Красниќи (Демократска партија на Косово), Љумир Абдиџику (Демократски сојуз на Косово) и Рамуш Харадинај (Алијанса за иднината на Косово). На оваа средба, според медиумите, присуствуваат и амбасадорот на САД, Џефри Ховениер и командантот на КФОР, генерал Ференц Кајари.

Поврзани новости