Лабуристите победија на изборите во Велика Британија – Кир Стармер ќе биде новиот премиер

by Fokus

Промените во Велика Британија почнуваат сега, изјави лидерот на лабуристите, Кир Стармер, откако неговата партија победи на вчерашните избори со кои се стави крај на 14-годишното владеење на конзервативците.

Во својот говор по победата на неговата Лабуристичка партија, идниот премиер Стармер истакна дека овој мандат носи голема одговорност, но дека со победата на неговите лабуристи „конечно е тргнат товарот од плеќите“ на Британците.

-Во политиката ништо не е однапред одредено. Победите на изборите не паѓаат од небо – тешко се добиваат и за нив се води тешка борба, рече тој, пренесе Скај њуз.

Стармер додаде дека „нема да биде лесно“ и го повика британскиот народ да се сеќава на изборната победа кога ќе стане тешко.

Излезните анкети покажуваат дека лабуристите на Стармер освоија 410 од 650 места во Долниот дом на британскиот Парламент на вчерашните општи избори во земјата, со што заврши 14-годишното владеење на конзервативците.

Според анкетите, Конзервативната партија на премиерот Риши Сунак ќе освои само 131 место, пренесуваат британските медиуми.

Поврзани новости