На веб страната на италијанскиот весник „Ла Верита“ утринава се појави снимката, за која јавноста во Македонија знаеше дека постои и дека е дел од доказниот материјал што го поседува Обвинителството во отворениот предмет „Рекет“. Снимката е објавена со дескрипција дека аферата го допира врвот на Владата и премиерот, Зоран Заев.
„Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева требаше да го гарантира процесот кон ЕУ. Нејзината канцеларија е во хаос по обвинувањата за поткуп“, пишува „Ла Верита“.
Се поставува прашањето како весникот доаѓа до оваа снимка.
„Ла Верита“ е италијански весник со седиште во Милано и со тираж од 23.000 примероци. Излегува на пазарот во септември 2016 година. Основан е од Маурицио Белпиетро, новинар со долга и богата кариера, кој е главен и одговорен уредник на медиумот. Под името на секое издание стои девизата „Quid is veritas?“, цитат од Евангелието на Јован од дијалогот меѓу Понтиј Пилат и Искус Христос, што во превод значи „Што е вистина?“.
„Ла Верита“ прави голем пробив на 26 август 2018 година кога го објави писмото од монсињор Карло Марија Вигани во кое поранешниот амбасадор на Ватикан во Вашингтон и надбискуп бара оставка на папата Фрањо, обвинувајќи го за прикривање на сексуалните злоупотреби на поранешниот кардинал Теодор Мекерик.
Зад името на уредникот Белпјетро стојат десетици тужби за клевета и навреда од страна на италијански политичари и бизнисмени. Неколку од тие тужби резултирале со осудителни пресуди против него. Во април 2010 Високиот Апелациски суд го осудува на 4 месеци затворска казна и 110.000 евра парична казна за навреда на двајца судии. Пресудата е подоцна поништена од Европскиот суд за Човекови права. Подоцна истата година, тврди дека му е извршен обид за убиство од заседа.
До сега интересот на „Ла Верита“ за случувањата во Македонија беше спорадичен. Во 2017 година весникот му направи интервју на тогашниот министер за надворешни работи, Никола Поповски, каде Поповски отворено ја нападна фондацијата Отворено општество во земјава. Инервјуто беше објавено со наслов од изјава на Поповски дека Сорос го дестабилизира Скопје.
Во јули годинава, пак, „Ла Верита“ ги пренесе вестите од Македонија за аферата со тендерот за М-НАВ во која е вмешан генералнот секретар на Владата, Драги Рашковски. Весникот пишуваше за објавената аудио снимка, во која се слуша гласот на Рашковски, и за неговиот коментар каде го навредува италијанскиот народ.
М.В.