Во асaлен систем функционира сѐ како што треба, секоја неуреденост претставува аномалија, која по дифолт се коригира. За разлика од него, антисистемот е само привид на уреденост, а во суштина е „идиот прајд“ систем. Во неговиот концепт следот на настани, логиката и моралот се обратни.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Студентскиот бунт и блокади во соседна Србија прераснува во граѓански антисистемски активизам. Крик против популистичко-авторитарниот режим, кој доведе до точка на вриење. Неговата суштина се барања за функционирање на корумпираните институции, узурпирани од претседателот на државата и од владејачката политичка партија.
Протестантите не ги тангира претседателот и кој е на таа позиција, или, како што зајадливо вели една студентка, „тоа може да биде и Пинк Пантер“. Битно им е разграничувањето и одговорноста на законодавната, извршната и судската власт наместо владеење на апсурдниот принцип „квака-22“.
„ИДИОТ ПРАЈД“ СИСТЕМ
Терминот го измислил американскиот писател Џозеф Хелер пред повеќе од шеесет години, кој го користел во неговиот истоимен урнебесно смешен и сатиричен роман. Во пракса, денес ваквиот апсурден принцип е вграден и во (анти)системот Мафијадонија!
Парадигма на „Мак-квака 22“ е хронологијата во изминатите три и пол децении со статус кво партиските мафијашки картели, политиканти и заебанти, кои ако умееја и сакаа да направат саглам држава со сите тертипи, тоа ќе го стореа. Ама, поарно им е да паразитираат и да аздисуваат во параспур држава со ендемски коруптивни шеми и комбинации.
Уште поеклатантен пример е нивното логореично лаење и продавање финти дека членството во ЕУ им бил приоритет, кој нема алтернатива. Условите и критериумите биле претходно сами да си ги оправеле внатрешните „кваки“. Ако е така, а така е, се наметнува реторичкото прашање: зошто завалиите не сакале да ја уредат државата, туку си терале „како и до сега“?
Во асолен систем функционира сѐ како што треба, секоја неуреденост претставува аномалија, која по дифолт се коригира. За разлика од него, антисистемот е само привид на уреденост, а во суштина е „идиот прајд“ систем. Во неговиот концепт, следот на настани, логиката и моралот се обратни.
Тој ги отфрла како туѓо тело знаењето, способноста и интегритетот. Смртна опасност за неговото виреење е продлабочувањето на критичкото мислење, искористувањето интелектуални потенцијали, стекнување нови вештини, унапредување на квалитетот на животот. Во тој контекст се и настојувањата на актуелната власт да го укине филозофскиот корпус на предмети со критичко, аналитичко и логичко резонирање.
Какво е образованието, таква е живеачката. Неговата есенција е празниот ум да се замени со отворен. Но, со неграмотна раја најлагодно се владее. Ниту една власт во „независна“ Македонија не е благонаклонета кон знаењето, способноста и интегритетот, бидејќи е свесна дека образованието и талентот претставуваат голема закана и моќно оружје за менување на статус кво состојбите.
АЗДИСАНИ МАФИОЗИ
Кога партиските војници ја почнуваат кариерата, каша-попара антисистемот веднаш ги вшмукува, соџвакува, па исплукува по што исфрлениот шлајм почнува да се консолидира и божем тргнува да прави промени според принципот „квака-22“.
Воспоставувањето функционален систем значи соочување со причините и последиците од етаблираниот антисистем и ургентно лечење со најсоодветна терапија. Навидум, едноставно, но во суштина ѓаволски комплицирано!
Најефикасно и најлогично би било да постои ред и поредок, стриктна примена на законите и победа над духовниот простотилак и некултура.
Затоа уште пред десет години, конзилијарен меѓународен тим, предводен од супспецијалистот Рајнхард Прибе, дијагностицира и пропиша терапија за лекување на подмолната и тешка општествена болест.
Непослушните и аздисани мафиози облечени во власт целосно ги игнорираа препораките, па резултатот до денес е нула. Дел од апашкиот (анти)систем што убива се и маткачите, клиентелистите, алчните, шалабајзерите, неодговорните и лицемерите, кои надвјасуваат и најдобро ловат во матно и продаваат ветар и магла. Сите се залагаа за тоа што им фали: ороспиите за чест, лузерите за к’смет, будалите за ум, политикантите за реформи.
Механизам со кој се отвора врата, но со значење, кое во истоимениот роман го вовел авторот Џозеф Хелер, со кој, отворајќи ја, таа се затвора. Кваката е правило што е поставено така да се укинува самото себе, па не може да се оствари.
Тоа е „Мак-кваката 22“, парадоксална состојба од која не може да се излезе, поради воспоставените контрадикторни правила и ограничувања. Невозможно е проблемите да ги решаваат тие што ги создаваат!