Кузеска за помилуваните лица: Дали Филков се согласил со ослободувањето на луѓето кои ја загрозуваат безбедноста?

by Fokus

СДСМ продолжи со критиките кон претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по одлуката за помилувани лица. Според најголемата опозициска партија, во случајот клучна е и улогата на Министерството за правда. Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска постави неколку прашања до министерот Игор Филков.

-Министерот за правда од движењето ЗНАМ мора да одговори на едно јасно прашање: Дали Министерството за правда дало позитивно мислење за помилување на криминалците и нарко босовите? Министерот за правда должи одговор пред граѓаните – зошто молчи, додека скандалот се разгорува? Дали тој лично се согласил со ослободувањето на луѓе кои ја загрозуваат безбедноста на Македонија, кажа Кузеска на прес-конференција.

СДСМ бара од Кабинетот на Претседателката веднаш јавно да го објави мислењето на Министерството за правда, заради транспарентноста.

Водачот на криминалната група „Барон“ познат во јавноста како Аќиф Јусуфи се најде на списокот на помилувални лица од страна на претседателката. Како што претходно објавивме, меѓу помилуваните се братот на Шенки Версаче, кој нема да мора да ја одлежи казната од шест месеци затвор, додека на поранешниот битолски градоначалник, пак, Владимир Талески, му се намалува една година од казната.

На тројца од нив казната затвор им се заменува со условна казна во траење од три години. За седум лица делумно се ослободуваат од издржување на останатиот дел од казните.

Засега нема реакција од Министерството за правда.

Поврзани новости