„Тажно е да се гледа катастрофата што се случува со пожарите кои беснеат повеќе од еден месец. Опустошени се 5% од вкупната територија на Македонија! Горат македонските шуми и национални паркови. Досега се изгорени над 1.200 километри квадратни шума. Тоа е 16 пати повеќе во споредба со лани! Во Македонски Брод, во околината на селата Брезница и Тажево над 25 дена гори боровата шума на над 5000 хектари. Пожарот се шири кон Јасен а опожарената област е долга над 11 километри. Изгоре и Галичица. Пожарот веќе 10 дена беснее и се префрли на охридската страна на планината“ рече денеска на прес-конференција Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Таа смета дека „Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ потфрли целосно во справувањето со пожарите и за тоа мора да има одговорност. СДСМ неколкупати апелира дека Тошковски е целосно неспособен да управува со Кризниот штаб и тој мора да поднесе оставка. СДСМ неколкупати апелира Мицкоски сериозно да се насочи кон управување а не ПР, но тој одбива. Бараме итна и неотповиклива оставка на Тошковски и целосна консолидација и фокус на сите институции кон кризата. Бараме конечно одговорност од сите инволвирани!“.
„Одговорен премиер и одговорен министер, при ваква состојба секојдневно ќе бидат во кризниот штаб и ќе управуваат со институциите. Наместо тоа, тие се бават со дневно политички ПР и лажни промоции со цел да ја дефокусираат јавноста. Страшно, жално и крајно незрело е однесувањето на Владата кон целата состојба. Според нашите информации, лошата координација со воздухопловите и спорото делување на институциите, за што со денови предупредувавме се покажува како најголемо потфрлање на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи со кој раководи Тошковски“ рече Кузеска.