Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска порача дека полицијата не си ја завршила работата со бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби од земјава. Според неа, на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски не треба да се гледа како на „херој, туку неспособен министер“.
Кузеска на прес-конференција откри дека не станува збор за пропуст на полицијата, туку, како што вели, координација за пуштање на Груби. Вели дека е скандал од епски размери.
-Првата вистина за која молчи Тошковски е дека целосно потфрлила контролата на Блаце, поставена кај кружниот тек, три дена пред бегството. Зошто Тошковски молчи дека тие полицајци немале насока и не знаеле кого треба да чекаат и провераат? Дали намерно се оставени без никаква насока, рече портпаролката на СДСМ.
За двајцата полицајци на ГП „Блаце“ кои го пропуштиле Груби, Кузеска рече дека еден од нив, лицето Б.Ј. е службеник поставен на позицијата откако Тошковски станува министер.
-По налог на Тошковски, Б.Ј. е прераспределен на контрола на граничен премин, иако претходно извршувал друга работна задача неповрзана со контролата на граничните премини. Ова значи дека човекот кој што го пропуштил Груби е негов личен избор за таа позиција. Го прашуваме Тошковски дали е вистина од овие причини, за да може да врши вакви дејствија, Б.Ј. е поставен на оваа позиција, праша Кузеска.
Според неа, полицаецот земал боледување, истиот ден кога го пропуштил екс-вицепремиерот.
-Со тоа не може да биде суспендиран, се додека му трае боледувањето. Зошто Тошковски лаже дека се суспендирани кога тоа не е направено? Дали сака да го заштити или чека да се забошоти целата ситуација? Зошто не е поднесена кривична пријава против полицајците, туку наводна суспензија кога станува збор за дело за кое може да се поднесе кривична, истакна портпаролката на СДСМ.