Купи продај

by Fokus

Максимален клиентелизам, клептократија, флерт со религии, гурање на „наше дете“, недемократски мерки, поткуп на медиуми веќе на големо ги зафати и СДСМ и коалицијата 

Јанаки МИТРОВСКИ 

Цела деценија еден од главните столбови на режимската власт на ДПМНЕ беа супер пријателски настроените медиуми,  плетора на телевизии, весници и портали. И таа љубов нормално не беше бесплатна.  

Милиони евра Владата на Груевски истури во пријателските медиуми под превезот на оние идиотски кампањи. Соблечете се, седнете на шољата. Исфрлете го изметот од себе. Избришете се со тоалетна. Измијте раце. Остваруваме, Влада на Република Македонија. 

ДАГАУ ЗА А1 

Да бидам и посериозен, дел од кампањите и беа ок, дел беа налик погоре посочениот пример од типот смејте се, но и во двата случаи мотивот е ист- буквално купување на наклонетоста на медиумите, што подоцна продолжи со отварање на серија нет портали кои турбо продуцираа вести и беа хард кор наклонети кон ВМРО.  

Згора на се, Груевски на А1 и Велија во 2011 им направи ДАГАУ и тоа ослободи огромен простор на пазарот на реклами за преостанатите, веќе ултра доминатно ВМРО медиуми. 

Своевремено, а веројатно и сеуште е во таа фаза, имаше предистрага за ваквото купување на медиумите каде беа осомничени двајца газди на телевизии, главен уредник и нормално политичари.  

Се додека некој не пропее, се е по закон, но во оваа предистрага едниот сопственик пропеа, но од непознати причини од овој предмет, како и од доста други кои ги започна СЈО, не излезе ништо. 

Власта на СДСМ, некаде од јуни 2017та година, се заложи за измени во овој сектор и година и половина подоцна испорача законски измени со кои ваквото финансирање на медиумите го исклучи од законското решение.  

Но тоа беа некој други времиња, кога Зоран Заев и СДСМ беа сеуште тазе власт, реагираа на јавност, као ќе испорачува правда и останати дрн дрн јариња. 

ИСТИ БОЛЕСТИ 

Сега сме во сосема нова ера на владеење на оваа власт. Не е тајна дека кај нас власта забегува максимално во вториот мандат и два претходни примери, едниот на СДСМ другиот на ВМРО, тоа го потврдуваат.  

Истите болести на максимален клиентелизам, клептократија, флерт со религии, гурање на наше дете, недемократски мерки, поткуп на медиуми веќе на големо ги зафати и СДСМ и коалицијата. 

Последното, медиумите, и официјално ќе бидат мета на поткуп веројатно од следната недела кога по скратена постапка ( не бе, не сте хохштаплери) Собранието ќе изгласа измени согласно кои не само што ќе може, туку и ќе мора да се пласираат јавни кампањи во медиумите, кои пак со отворени  раце ги чекаат и лобираат измените. 

Имаме типичен случај на однесување на одвратни македонски политичари, кои за една тема имаат еден став кога се опозиција, за истиот да е дијаметрално спротивен кога се на власт.  

И можеби на тоа сме свикнале, но не треба да свикнеме на опасна тенденција да се купуваат медиумите и нивната наклонетост и уредувачка политика со наши пари 

Мислам дека граѓаните не се ниту свесни колку е тоа опасно. А СДСМ да може и Латас би го земале во свој табор, зашто да не, да ги потсети на златните деведесети

Поврзани новости