Австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој е под истрага што може да му донесе и затворска казна, се обидува да се извлече со својата мајка, пишува во својата анализа бриселскиот портал „Политико“.
Веста дека Курц е под истрага поради сомневање дека дал лажна изјава пред парламентарниот истражен комитет во врска со аферата „Ибица“ одекна како бомба во средината на овој месец. Истрагата е во тек и против неговиот шеф на неговиот кабинет Бернхард Бонели. Австрискиот канцелар потврди дека истрагата е во тек, но тој ги негира обвинувањата против него. Тој неодамна во целата приказна ја вклучи и мајка си.
-Мајка ми е крајно тажна и загрижена, изјави австрискиот канцелар за весникот „Кронен цајтунг“ и додаде дека таа за него посакувала нешто друго, а не политика и ваков медиумски третман.
Многубројни аналитичари ја оценија оваа изјава како класичен пример на расеаност и обид за свртување на вниманието од темата за која говори цела Австрија.
Доколку Курц биде прогласен за виновен, го чека казна од три години затвор. Сепак, покрај него, во голема неволја се членови и на неговиот кабинет, а особено неговиот близок пријател и советник, министерот за финансии Гернот Блимл. Тие се товарат за разни кривични дела – од поткуп до попречување на правдата.
Курц тврди дека е невин и засега нема индиции дека ќе поднесе оставка. Тој се чини и дека не верува дека може да биде осуден бидејќи одби да открие пред медиумите што ќе стори во тој случај.
Овој настан крена голема прашина во земјата, а влогот е владеењето на правото во Австрија.
„Политико“ пишува дека Курц и луѓето блиски до него со месеци напаѓаат обвинители и истражители. Примерот на Курц, кој ја користи својата мајка како сведок дека истражителите и опозицијата лошо постапуваат со него, е еден од поневажните примери за, како што многумина сметаат, оркестриран обид за дискредитација на целата истрага.
Исто така, работите отидоа толку далеку што претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен, мораше да реагира кога пријателот на Курц, Блимл, одби да ѝ предаде илјадници страници документи на истражната комисија. Претседателот се закани дека ќе испрати војска за извршување на судскиот налог.
Хајнц Мејер, водечки уставен експерт, истакнува дека стратегијата на Курц е постепено да се дискредитира интегритетот на судскиот систем преку постојани напади кон инсинуациите. Курц претходно рече дека канцеларијата на обвинителот за корупција е алатка на опозициските социјалдемократи, а исто така го обвини за објавување лажни информации.
Еден од главните обвинители во овој случај, Матијас Пуркарт, сведочеше пред парламентот дека неговите луѓе биле цел на диверзија од страна на државните службеници. Обвинителите кои се занимаваат со корупција се одговорни пред Министерството за правда. Тоа министерство го имаат Зелените, кои се коалициски партнер со партијата на канцеларот. Ова министерство го држеше партијата на Себастијан Курц веќе подолго време, а многу функционери таму сè уште се поврзани со него, посочува „Политико“.
Потенцијалната долгорочна институционална штета ги загрижува дури и некои во конзервативниот круг на Курц. Сепак, Мејер предупредува дека многу Австријци не обрнуваат внимание на она што се случува и дека се сити од политички конфликти.