Ѝ честитам на Македонија за историската одлука да продолжи со имплементација на Преспанскиот договор, со што испрати сигнал на охрабрување не само за Македонија, туку и за целиот регион, рече денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој заедно со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ ја отвори конференцијата „Балканот и ЕУ – Петогодишен циклус на Берлинскиот процес“ што се одржува во Будва.
На конференцијата присуствува македонска владина делегација предводена од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, а во неа е и министерот за економија Крешник Бектеши.
Анѓушев, како што соопшти неговиот кабинет, ќе учествува на панелот „Економска и европска перспектива на Балканот“ и ќе дебатира со други високи политички претставници од земјите во регионот. Бектеши, пак, утре, ќе учествува на панелот „Регионална соработка како сегмент на европските интеграции: економијата-генератор на севкупниот развој“, заедно со другите економски министри од регионот.
Канцеларот Курц во својот говор на отворањето се осврна на различните аспекти што влијаат на поголемата економска и безбедносна стабилност во регионот. Нагласи дека регионот денес храбро чекори напред со реформските процеси и станува кредибилен фактор за цела ЕУ.
Во рамки на конференцијата, членовите на владината делегација ќе остварат и билатерални средби со политички и бизнис-лидери од регионот.