Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека е подготвен и заинтересиран да се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Брисел и дека е подготвен таму „да ја презентира документацијата“ за апсењето на косовските полицајци.
Тој рече дека косовските полицајците треба „веднаш и безусловно да бидат ослободени“, јавуваат приштинските медиуми.
На прес-конференција со шефицата на косовската дипломатија, Доника Гервала, Албин Курти изјави дека е „заинтересиран“ да ја претстави документацијата за „злосторството извршено врз тројца полицајци и нивните семејства“ во Брисел. Косовскиот премиер ги повика САД и Европската унија да го „осудат киднапирањето“.
Косовскиот премиер изјави дека деескалацијата што сите ја бараат значи „итно ослободување и безусловно ослободување на тројца полицајци“, но и, како што додаде, казнување на „агресијата на Србија на Косово“.
На конференцијата Курти и Гервала зборуваа и за посетата на шефот на Канцеларијата за врски на Косово во Србија, Јетиш Јашари, на тројцата косовски специјалци, кои се во притвор во Краљево.
Како што пренесува приштински Коха, Курти изјавил дека полицајците биле „киднапирани на импровизирана маса на територијата на Косово, додека јаделе леб“.
„Описот на полицајците е ист како и како се случило киднапирањето. Тие велат дека биле на импровизирана трпезариска маса и 15 луѓе ги опколиле, нападнале и киднапирале. Сите тројца ја раскажуваат истата приказна на посебно прашање од нашиот амбасадор. Со ова се елиминира дилемата… Србија изврши агресија на 14 јуни. Полицајците беа на должност, во борбата против шверцот, каде една од 15-те шверцерски патишта беше затворена“, изјави Курти, пренесе Коха.
„Кој тврди дека се уапсени во Србија, објасни како лисиците биле пронајдени на еден километар од границата од едната страна, 670 метри северо-североисточно и 300 метри југозападно од границата, повторно подалеку од Србија. Не се работи за никакво апсење во Србија, туку за киднапирање на Косово“, додаде Курти.