Курти за случајот со „Клан Косова“: Спроведувањето на законите не е напад врз медиумите

by Fokus

Примената на законот против интересите на финансиската корист на моќните бизнисмени не претставува напад врз медиумите, изјави денеска косовскиот премиер Аљбин Курти, алудирајќи на одлуката на Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИПТ) да ja суспендира дозвола за работа на телевизија „Клан Косова“.

Во петокот, МИПТ ја отфрли жалбата на телевизијата и и ја одзеде дозволата за работа, а „Клан Косова“ најави дека ќе поднесе жалба до судството.

На овој начин, Курти целосно ја поддржа одлуката на МИПТ „да ги извршува своите должности против моќните интереси на богатите бизнисмени“.

Според него, примената на законот не го загрозува медиумскиот плурализам.

„Косово има 468 регистрирани компании чија примарна дејност се медиуми и 114 лиценцирани аудио или аудиовизуелни компании. Усогласеноста со правилата за регистрација е законска обврска, а не „техника“. А примената на такви правила против еден криминалец не го загрозува медиумскиот плурализам“, напиша Курти на Твитер.

Тој додаде дека „во демократија, органите надлежни да одлучуваат за вакви случаи не престојуваат во кабинетот на премиерот“.

„Сепак, овие тела имаат целосна поддршка од нашата канцеларија во извршувањето на нивните должности, соочени со силните интереси на богатите бизнисмени кои се против нив. Медиумските слободи се од витално значење: нападот врз нив е напад врз демократијата. Но, демократијата е исто така нападната кога моќните бизнисмени го прекршуваат законот за финансиска добивка. А примената на законот против таквите луѓе во никој случај не претставува напад на слободата на медиумите“, напиша Курти.

За случајот со одземањето на лиценцата на телевизијата Клан Косова вчера реагираше и претседателката Вјоса Османи, која рече дека мора да се расчисти секоја правна дилема што постои во овој случај и оти „очекува тоа да се направи со примена на законот, без мешање, на принципите на непристрасност и интегритет“.

Вчерашната одлука на МИПТ ја осудија не само косовските политички партии и граѓанското општество, туку и амбасадорите на земјите од големата петорка и на Европската унија акредитирани на Косово.

Поврзани новости