Дефакто признавање на Косово од Србија – вака косовскиот премиер Албин Курти го оценува непотпишаниот договор во Охрид. Курти рече дека сега останува на ЕУ да најде механизми за да ја принуди Србија да го потпише договорот.
-Основниот договор е де факто меѓусебно признавање. Значи, ова е признавање меѓу Косово и Србија. Србија, исто како и на последната средба во Брисел, го избегна потпишувањето на Договорот и сега на анексот. Останува на ЕУ да најде механизам договорот да го направи правно и меѓународно обврзувачки – рече Курти.
На прашањето дали ќе дозволи формирање на Асоцијацијата, Курти рече дека станува збор за „адекватно ниво на самоменаџирање на српската заедница, а не за самоуправа.
-Тоа не е самоуправа, туку самоменаџирање. Второ, јас сум премиер на сите граѓани, затоа се обврзувам не само за Албанците, туку и за Србите и другите малцинства. Во овој аспект има параграф кој зборува за соодветно ниво на самоменаџирање на српската немнозинска заедница или на српското малцинство во Косово, секако дека ќе се водиме според највисоките стандарди за Србите во Косово да нема никакво загрозување, никаква дискриминација – рече Курти.
Двете најголеми опозициски парти на Косово, Демократска партија на Косово и Демократска лига на Косово, пак, упатија критики кон Курти, за кој велат дека прифатил се што ветил дека нема да прифати.