Премиерот на Косово, Албин Курти во интервју за емисијата „360 степени“ на тв Алсат изјави дека утре во Охрид, каде ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, оди со доверба за договор.
Курти порача дека не може да има капитулација на Србија во Охрид, бидејќи тоа веќе се случило во Куманово.
„Заинтересиран сум за договор, одам со добра волја, со добра намера и со добра доверба да ги нормализираме односите со Србија. Во Охрид не може да има капитулација на Србија, бидејќи тоа веќе се случи во Куманово, на 9 јуни 1999 година“ рече Курти.
Тој ги коментираше и изјавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Ја слушнав оваа изјава дека априори се отфрла некаков договор во Охрид. Мислам дека ова не е конструктивен и посветен пристап. Не велам дека ако нема потпис, тогаш сме потпишале спор, но не можам да кажам дека и без потпис може да се нарече договор со сите умови. Повторувам дека ќе бидам посветен, конструктивен и креативен и оти ќе одам со добра волја, намера и доверба, но секако дека тоа не можам да го гарантирам и за другата страна“, нагласи тој.
На средбата Курти – Вучиќ, која ја свика шефот на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ќе учествува и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.