Курти: Потребни се нови избори на северот на Косово

by Fokus

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се потребни нови избори во четири општини на северот на Република Косово со „отворена и слободна“ кампања.

Тврди дека жали што морале да одржат избори во четири општини на север „со слаб одѕив на граѓани“, и дека се надевале дека на нив ќе учествува Српската листа.

„Меѓународната заедница ни вети дека доколку го прифатиме Охридскиот анекс ќе обезбедат учество на Српската листа на изборите“, тврди Курти.

Тој додаде дека нема моќ да ги натера да излезат на избори и дека градоначалникот Љуљзим Хетеми ќе остане во Лепосавиќ додека не се избере нов.

„За таа цел ни требаат предвремени избори и отворена, слободна, предизборна кампања во четири општини на северот. Без фер и демократска кампања, нема фер и демократски избори“, смета Курти.

Според него, потребна е правна држава, која, како што вели, треба „заедно да се воспостави“, а тврди дека со владеење на правото постепено може да се намалува бројот на полицајци во општинските згради.

Курти рече и дека се потребни средби во Брисел за, како што рече, „итно, целосно и безусловно спроведување на основниот договор од Брисел, чиј составен дел е и Охридскиот анекс“.

Во своето обраќање, Курти тврди дека Косово е „земјата со највисоко ниво на демократија“ во регионот и дека „тие направиле многу за српската заедница“, наведувајќи ја реставрацијата на некои православни манастири.

Курти исто така тврди дека т.н Косово е заедничка „држава“ и повикува „заедно да се движиме во подобра иднина“.

Поврзани новости