Курти победи на изборите во Косово

by fokus

Премиерот Албин Курти и неговата левичарска националистичка партија Самоопределување (ВВ) победија на парламентарните избори на Косово, покажуваат излезните анкети и првичните резултати на Централна изборна комисија (ЦИК).

За Самоопределување гласале меѓу 37% и 42% од избирачите, но владејачката партија предводена од Курти најверојатно ќе зависи од коалиционите партнери за да продолжи да владее.

На изборите во 2021 година, Движењето Самоопределување имаше повеќе од 50 проценти од гласовите.

Податоците од четири организации кои спроведоа постизборни истражувања, сугерираат дека десноцентристичката Демократска партија (ПДК) на Мемли Красниќи освоила меѓу 19% и 23% од гласовите, центристичката Демократска лига на Косово (ЛДК) на Лумир Абдиџику од 19% до 20% и конзервативната Алијанса за иднината (ААК) на Рамуш Харидинај меѓу 6% и 8%.

Останатите партии и коалиции нема да го надминат прагот од пет проценти за влез во парламентот.

Според проекциите од освоените гласови, ВВ во новиот состав на законодавниот дом ќе има 43 пратеници, ПДК 25, ЛДК 23 и ААК девет.

Без разлика на изборните постигнувања во водечките политички партии, 20 од 120 места во парламентот се резервирани за етничките малцински групи: 10 за Србите и уште 10 за другите, вклучувајќи ги Бошњаците, Турците и Ромите.

На денешните први редовни, а вкупно девети парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста, се гласаше на 2.533 гласачки места, а право глас имаа 1.970.944 лица во самото Косово и 104.924 во дијаспората. Косовските граѓани во странство гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.

На изборите учествуваат 28 политички субјекти, од кои 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.

Поврзани новости