Премиерот на Косово Албин Курти изрази надеж дека Белград и Приштина во Охрид ќе го потпишат планот за имплементација на европскиот предлог за нормализација на односите.
-Основниот договор кој го предложи Европската Унија е солидна точка да се тргне напред и се надеваме дека ќе го направиме тоа на 18 март – кажа Курти во интервју за Еуроњуз.
Тој порача дека на разговорите во Македонија оди со добра намера и со добра волја, за да ги нормализира односите меѓу Приштина и Белград.
Во врска со исполнувањето на претходната обврска за формирање Заедница на српски општини на Косово, тој се повика на косовскиот устав, кој, како што оцени, не може да поддржи едноетнички ентитет како асоцијација на општини со српско мнозинство.
-Значи, ова не би поминало на нашиот уставен суд, како што не помина ни на судот за човекови права во Стразбур – рече Курти.
Тој додаде дека како премиер на сите граѓани сака да ги задоволи сите според нивните права, потреби и барања, па истакна дека затоа зборува за самоуправување на српската заедница.