Курти: Неприфатливо е полицаецот осомничен за тероризам да се пушти во домашен притвор

by Fokus

Косовскиот премиер, Албин Курти изрази негодување поради денешната одлука на надлежен суд во Приштина да му ја смени мерката притвор со мерка домашен притвор на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој беше уапсен пред дваесетина дена како осомничен за подготвување вооружени напади врз општинските изборни комисии и полициски патроли во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред новинарите, Курти попладнево изјави дека би сакал да знае „кој е тој судија” кој го пушти од притвор Пантиќ, кој се сомничи за терористички дејствија.

-Кога имате обвинение за тероризам да пуштиш некого во домашен притвор …?! Јас само би сакал да знам кој е обвинителот кој го побарал тоа и кој е тој судија од претходна постапка што тоа го прифатил, изјави Курти.

Апсењето на Пантиќ беше повод за поставување барикади од страна на локалните Срби во општините во северно Косово со мнозинско српско население и за блокада на патиштата кои водат кон граничните премини Јариње и Брњак меѓу Косово и Србија.

Информацијата за промена на мерката 30-дневен притвор, изречена на 12 декември, во мерка куќен притвор, во изјава за медиумите ја потврди портпаролката на Основниот суд во Приштина, Мирлинда Гаши.

-На барање на Специјалното обвинителство (на Косово) за промена на мерката притвор со куќен притвор, судот го одобри барањето и ја промени мерката, изјави Гаши.

Поврзани новости