Косовскиот премиер, Албин Курти изјави денеска дека нема да прифати одлагање на спроведувањето на одлуката на неговата влада за реципроцитет кон Србија со патните документи на граѓаните од едната во другата држава и за замена на српските со косовски регистерски таблички, што треба да стапи во сила на 1 септември.
Во изјава за меѓународната новинска агенција Блумберг, Курти вели дека „доколку ситуацијата ескалира во насилство, ќе ѝ стават крај полицијата на Косово и мировните сили на КФОР со 3.800 војници на НАТО“.
Споменатите одлуки на Владата на Курти требаше да стапат во сила на 1 август, меѓутоа откако ден претходно локалните Срби, кои се мнозинство во тој дел на Косово, организираа протести и поставија барикади на патиштата кон границата со Србија, беше одлучено мерките да се одложат за еден месец.