Лидерот на Прогресивната демократска партија, Ненад Рашиќ, е именуван на функцијата министер за заедници во владата на Косово на премиерот Албин Курти.
Премиерот Курти му честитал на Рашиќ за „новите институционални должности и одговорности во Република Косово“.
Рашиќ на функцијата министер беше поставен откако од функцијата оставка поднесе Горан Ракиќ од редовите на Српската листа.
Косовските Срби колективно ги напуштија институциите во знак на протест поради одлуката на владата на Косово за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки со РКС.
Освен Ракиќ, од функциите си заминаа и пратениците во собранието на Косово, како и градоначалниците на четири општини на северот на Косово.
Исто така, Србите ги напуштија другите институции на северот, како што се полицијата и судството.
Инаку, Рашиќ во последните неколку години настапуваше како српски опозициски политичар на Косово, но пред формирањето на Српската листа во 2013 година беше пратеник во собранието на Косово.
Во 2020 година Курти го назначи за директор на Канцеларијата за заедници, но тој брзо поднесе оставка бидејќи Специјалното обвинителство поднесе обвинение против него.
Во меѓувреме, Основниот суд во Приштина го ослободи од обвиненијата покренати против него, а во врска со кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.