Косовскиот премиер, Албин Курти се приклучи денеска на Парадата на гордоста, со која се затвора годинешната Недела на гордоста во Косово, организирана од косовската ЛГБТИК+ заедница.
Курти, заедно со уште неколку членови на неговиот кабинет, меѓу кои министерката за правда, Албулена Хаџиут, министерот за здравство, Арбен Витиа и за култура, Хајрула Чеку, застана на чело на колоната која продефилира низ центарот на косовската престолнина.
На денешното финале на Неделата на гордоста, која се одржува под мотото „Сме биле и ќе бидеме“ и ќе се затвори со концерт пред Националната библиотека на Косово, учестуваа и други личности од јавниот живот на Косово, меѓу кои приштинскиот градоначалник, Перпарим Рама, шефицата на пратеничката група на владејачкото Движење самоопределување, Мимоза Кусари-Лила и други.
На ниту една од досегашните манифестации во поддршка на ЛГБТИК+ лицата (лезбејки, геј, би-,транс-, интерсекцуалци, квир идр.) не се забележани никакви инциденти, освен неколку вербални навреди кон учесниците во првите неколку години.