Курти: На Брнабиќ и предложив да ги потпишеме договорите од Брисел и Охрид

by Фокус

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека во рамки на самитот на Берлинскиот процес во Тирана и предложил на српската премиерка Ана Брнабиќ да ги потпише договорите од Брисел и Охрид – основниот договор и анексот за имплементација, но дека таа не била заинтересирана.

Во обраќањето пред новинарите, по завршувањето на денешната работа на самитот, Курти рече дека „агресијата“ од 24 септември, осврнувајќи се на настаните во Бањска, претставува нарушување на територијалниот интегритет и дека на Косово му треба поголема безбедност.

-Мора да има санкции за Србија и безбедност за Косово. Имаме договор со Србија кој се заснова на де факто меѓусебно признавање, тој мора да се спроведе. Имаме и анекс за спроведување, побаравме да се потпише, но Србија одби – рече Курти.

Тој изјави дека му изразил благодарност за германската поддршка на канцеларот Олаф Шолц, со кого имал специјална средба. Одговарајќи на изјавите на албанскиот премиер Еди Рама дека северот на Косово е „ничија земја“, Курти рече дека северот на Косово е земја на Косово.

-Ни треба поголема безбедност за Косово. Косовската полиција е и на југ и на север. Северот на Косово е земја на Косово, територијалниот интегритет е неприкосновен, државниот суверенитет е заштитен со демократска администрација. Отворено разговаравме со сите и ви благодариме на сите што бевте конструктивни – рече Курти.

Поврзани новости