Курти: Лајчак предложи 15 модели за ЗСО, ги разгледуваме

by Fokus

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговите советници и дел од министрите разгледуваат 15 модели за Заедницата на српските општини (ЗСО) што му ги понудил претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, пренесува приштински „Коха диторе“.

Курти рече дека од тие модели врз основа на кои се организираат националните малцинства во ЕУ, ќе земе елементи врз основа на кои малцинствата во Косово би биле третирани на вистинско ниво.

Тој истакна дека нема да прави компромиси со уставноста, законитоста и функционирањето на државата.

„Моделите што ги претстави европскиот емисар Лајчак се различни решенија за националните малцинства во земјите на ЕУ, од кои вкупно петнаесет се добро познати. Некои се понови, некои од порано и пред постоењето на ЕУ. Сметам дека тоа се модели од кои можеме да земеме елементи за не само човековите права, туку и правата на националните малцинства да бидат на вистинско ниво кај нас“, рече Курти.

Курти изјави дека пред саботната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Охрид ќе се знае агендата и содржината за која ќе се разговара.

„Пред сабота ќе го знаеме дневниот ред и суштинските точки за кои ќе се разговара таму, а како дел од расправата за планот за имплементација на веќе договорениот договор според европскиот предлог, без ништо да се менува“, рече тој.

 

Поврзани новости