Косовската полиција денеска извести дека тројца нивни граничари биле киднапирани од српските сили за време на патрола во градот Тресава – Баре, на граничната линија на северот на Косово.
Селото се наоѓа во општина Лепосавиќ. Според соопштението на полицијата, полициската единица патролира „длабоко на територијата на Косово“ со цел да спречи користење на дивите патишта кои, според оваа институција, ги користат криминалните групи „за нелегално преминување и криумчарење“.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека тројца полицајци биле „киднапирани“ од српската војска и оцени дека тоа е „одмазда“ за апсењето на Милун Миленковиќ во вторникот.
Курти рече дека Миленковиќ е еден од водачите на организираниот криминал и шверцот на северот на Косово.
Министерството за внатрешни работи на Косово соопшти дека Миленковиќ бил еден од организаторите на нападот врз членовите на Мисијата на НАТО во Косово (КФОР) на 29 мај, на првиот ден од протестите на Србите против албанските градоначалници.
Во меѓувреме, на Миленковиќ му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа и е обвинет за „тероризам, насилна промена на уставниот поредок и загрозување на лице под меѓународна заштита“.
„Влегувањето на српските сили на територијата на Косово е агресија и цел на ескалација и дестабилизација. Бараме итно ослободување на тројцата киднапирани полициски службеници и ги повикуваме меѓународните фактори да го осудат овој чин на српска агресија“, напиша Курти на својот Фејсбук профил.