Постигнавме јавен договор за анексот што ќе води кон спроведување на основниот договор. Останува на Европската унија да најде механизам статусот на овој договор да биде правно и меѓународно обврзувачки, изјави косовскиот премиер Албен Курти по повеќечасовната средба во Охрид со посредство на Европската Унија.
Во изјава за медиумите, Курти рече дека дошол во Охрид со намера да го потпише основниот договор со анекс, но дека српската страна и овојпат избегнувала негово потпишување, исто како на последната средба во Брисел на 27 февруари.
Според Курти, основниот договор де факто значи взаемно признавање на двете страни
Прашан дали ќе почне враќањето на Србите на Косово, Курти рече дека се залага за правата на сите граѓани на Косово.
– Тоа значи дека се залагам и за оние кои сакаат да се вратат. Повеќе од нив веќе ги имаат продадено имотите, но има и такви кои имаат имоти на Косово и се залагам за правата на сите тие луѓе без разлика на нивната припадност, рече Курти.
Одговарајќи на новинарски прашања за исчезнатите лица, Курти рече дека ќе се залага максимално да се открие нивната судбина и да се обезбеди правдата за нив.