Додека ДУИ безмилосно грабаат тендери и на сметка на тоа Таче лапа од позлатен прибор во Влада, Македонци, Албанци, Срби, Роми, Бошњаци, сите разголени се оставени пред економскиот цунами- бран. Имавте време да берете памет. Сега доаѓа време за берење на бостанот
Пишува Наум СТОИЛКОВСКИ
Пред неколку дена слушнав за еден познаник дека ја затворил фабриката. Се обиде човекот во производство на градежни материјали, му одеше добро, и информацијата за „клучот на врата“ на погонот ме изненади.
Причината зошто се одлучил своите десетици вработени да ги испрати дома е премногу јасна- му стигнал цех од над 26.000 евра за струја. Струјата како главен енергенс во инпутот на неговиот производ до поскапувањето чинеше околу 7.000 евра.
Разбирливо, ниту еден пласман, или крива на понуда и побарувачка нема да ги задоволи овие 26.000 евра месечно. И тој и неговите вработени, пријателски заминале „под биро“. Ова е само еден пример од актуелните животни приказни за коишто секојдневно слушам.
Индустријата за леб се уште функционира, но на мускули. Цените на основните прехрамбени производи се смрзнати, па затоа има нелогичности за тоа колку чини „основниот леб“.
ЕКОНОМСКА ЛОГИКА НЕМА
Нелогичности, затоа што повторно, лебот се пече, шпоретите- од тие на дрва до оние индустриските во индустријата за лебот насушен, се огромни потрошувачи. Значи и кај нив сметките за струја, се четири до пет пати поголеми.
Оние за гас се три до четири пати повисоки. Економска логика на подолг рок нема. Ниту, пак, постојано смрзнувањето на цените ќе биде решение. Напротив, економијата е сурова, покажува дека така нема издржливост.
Значи, одеднаш, додека се влече агитпропот за „недела неработен ден“ и „зголемена минимална плата“, од друга страна има страшен притисок за губење на работни места, како и цени за основна исхрана коишто, ниту изедначувањето на минималната плата со медијалната плата (што не е исто што и математичка средина, а тоа е и непочитување на Меѓународната организација на трудот за таа да биде 60 отсто од медијалната плата во земјата) нема да помогнат.
Да се разбереме, „леб“ јадат сите. Да се разбереме, енормните цени ги затвораат фабриките „и на исток и на запад“. Да се разбереме, галопирачката сиромаштија којашто ја предизвикуваат енергетската криза и нејзините ефекти врз економијата не избира нација, народност, или како милува Ковачевски да каже, политичка припадност.
ЧИЗМИТЕ НА ШКОДРАНЕ
Уште повеќе, налудничавиот избор на претходните градоначалници пред губење на фотелјата да не направат нови договори за електрична енергија за општините, сега може да предизвикаат темни улици и затворени институции, градинки, културни центри. Не оди тоа на штета на актуелните градоначалници, туку на граѓаните.
Видете, залудно се „палат“ определени касти дека ДУИ, оние зелените, монтираат видеа. Уште повеќе залудни се оние „воени покличи“ коишто тргнаа со чизмите на Шкодране дека ако некој ги спомене ДУИ за криминал и корупција, или дека треба да се развластат после 20 години, дека тоа е едноставно – антиалбанство. Напротив.
Додека ДУИ безмилосно грабаат тендери и на сметка на тоа Таче лапа од позлатен прибор во Влада, Македонци, Албанци, Срби, Роми, Бошњаци, сите разголени се оставени пред економскиот цунами- бран.
Сметките за струја, цените на храната, онаа со незамрзната цена, цената на затворените погони, цените на се поскапите горива, наскоро ќе ви дојдат за наплата.
И нив ќе ви ги испорачаат Драган, Фатмир, Бојан, Артан, Оливер или Бујар, ама не оние здружени во владата. Купоните за „живот“ се потрошија. Имавте време да берете памет. Сега доаѓа време за берење на бостанот.