Ристо Новачевски, кум на поранешниот премиер Никола Груевски, денеска даваше своја одбрана во Кривичниот суд, како обвинет во случајот “Плацевите на Водно”. Тој со својот исказ го потврди обвинението, односно дека Груевски имал таен имот, кој тој го купувал во негово име.
Одговараше на прашања на неговиот адвокат Сашко Дукоски. Посочи дека е дипломиран економист, работел во приватни компании, нагласувајќи дека никогаш немал државна работа.
Тој раскажа од кога се познавал со екс премиерот.
-Никола Груевски го познавам уште од средношколски денови, учевме заедно и станавме блиски пријатели. Тоа пријателство продолжи па му станав венчален кум од првиот брак. По назначување на премиер, нашите средби се намалија, поради неговите обврски, истакна Новачевски.
Тој истакна дека во 2011 година добил повик од Груевски.
-Кон средината на 2011 година ме повика во неговиот кабинет и ми рече дека сака да отвори градежна компанија во Македонија. А јас сум човек од доверба, па ме праша да бидам управител. Јас се согласив. Се работи за компанијата “Сирах и инженеринг”, која беше фермирана како фирма ќерка на “Сирах лимитед”, офшор компанија, истакна Новачевски.
Тој појасни дека никогаш во животот не се занимавал со градежништво.
-Го известив и Груевски дека не можам да ги бркам тие градежни работи. Тој ми рече дека јас сум само управител, а другите работи ќе ги води Алек Теранова. Ми даде контакт од Александар Ивановски (Алек Теранова) и ми кажа дека во иднина треба да го контактирам, истакна обвинетиот.
Тој откри и дека Груевски сакал да купи плац на Водно.
-Ми кажа дека е заинтересиран, дека сака да земе некое земјиште на Водно, кое што го нашол Алек и е на приватни сопственици. Го побарав Алек и се договоривме да се видиме. Ми ги побара моите генералии. Се видовме за некој ден. Ја донесе документацијата, а јас лична карта. Ги потпишав документите и чекав повик да одиме на нотар. Отидовме и на нотар и кај адвокат за да завршиме. Ми се јави и ми кажа дека фирмата ќе има сметка во Стопанска банка Битола, истакна Новачевски, опишувајќи го начинот на отворањето на фирмата.
– Му кажавме на Груевски за формирањето на фирмата. Ме информира дека ќе стигна прилив на сметката кои ќе послужат за купување на земјиште. Ми се јавија од банката дека има прилив и дека треба да одам да потпишам. Потпишав, тоа беше прилив од околу 300-400 илјади евра, како основачки влог за „Сирах инженеринг“. Алек ме информираше дека треба да стигнат околу милион и нешто евро, па очекував уште прилив. Уште во два наврата стигнаа пари, со слични суми, истакна обвинетиот Новачевски.
Потоа следувало купувањето на парцелата.
-Груевски ме информира дека треба да се купи земјиштето на Водно и дека целата работа ќе ја збрка Алек Теранова, со луѓето кои го продаваат, а јас само да го потпишам договорот. Ниту сум преговарал за цена, ниту сум ги знаеле луѓето. До ден денеска не знам каде се наоѓа земјиштето. Сите работи ги имаше истуркано Алек, истакна Новачевски.
Потоа, како што рече, следувала исплатата на земјиштето, од милион и нешто евра.
-Еден период имаш затишје, не се случува ништо со фирмата, нема активности. Се до 2013 година кога пристигна овластување за неплатен данок за имот од Град Скопје. Го известив Груевски. По тоа стигна уште опомена, а тој ми рече дека ќе стигнат пари за да платам. Стигнаа парите и го платив данокот, истакна обвинетиот.
Тој раскажа и дека набрзо побарал од Груевски да го тргне од управител на фирмата.
– Потоа не се случи ништо, се до крајот на 2014 година. Го продадов станот каде што беше регистрирана фирмата, но не го променив седиштето. Тогаш ми се јавуваше новиот сопственик на станот, дека доаѓаат новинари и прашуваат за некаква фирма, за плацеви на Груевски. Тој не знаеше ништо. Тогаш го информирав Груевски дека почнаа да се интересираат новинари и дека ми претставува голем терет, бидејќи си имав сопствени бизнис активности и побарав да ме тргне од управител на фирмата. Рече ќе го среди тоа. Пролетта 2015 година имаше прес СДСМ, за некое земјиште на Водно на Груевски. Се споменуваше и моето име. Повторно му реков на Груевски да бидам сменет. Ми рече ќе го реши тоа во најскоро време, истакна Новачевски.
По извесно време се виделе и Груевски му рекол дека ќе биде продадено на Орце Камчев.
-Орце ме побара по извесно време. Ми кажа дека тој ќе го купи земјиштето, односно дека ќе ја земе цела фирма. Потоа летото 2015 година ги потпишав документите за пренос на уделот, истакна кумот на Груевски.
Потоа добил повик од Орце, за како што рече, да потпише договор за неговиот ангажман за продажбата на фирмата, за што би имал фиктивен надоместок, а за да сето тоа изгледа пореално.
-Средбата се случи во канцеларија во Систина. За таа цел отворивме моја сметка во Стопанска банка Битола, и тоа истиот ден. Ми стигна сума од 11.000 евра, ги подигнав и ги предадов на Орце Камчев, истакна Новачевски.
По неговата одбрана, со дополнителни прашања поентираше обвинителката Лиле Стефанова. Таа го праша:
-Дали може да заклучам дека Никола Груевски во неговиот кабинет во Владата на вас ви кажа дека ќе формира негова фирма а вие ќе бидете управител?
-Да, одговори Новачевски.
Потоа обвинителката рече: “Може ли да заклучам дека лично Груевски ви кажа дека има план да купи земјиште на Водно од приватни лица?
-Да, одговори обвинетиот.
Следуваше ново прашање.
-Можам ли да заклучам дека за сите активности кои ги преземавте околу Сирах Инженеринг секогаш го известувавте Никола Груевски?
-Па можеби не секогаш, но воглавно да. Го известуваше и Алектеранова, истакна Новачевски.
Судењето е во тек.
В.В.